Фолксваген“ со нов удар: предупредување за добивката и испаѓање од елитниот индекс
Акциите на „Фолксваген“ продолжија да паѓаат во понеделникот, откако германскиот производител на автомобили уште еднаш ја намали прогнозата за годишниот оперативен принос од продажбата и истовремено беше исфрлен од европскиот индекс на најголеми компании „Евро Стоxx 50“. Акцијата загуби 0,5 отсто во претпладневното тргување, продолжувајќи го падот од 8,3 отсто од петокот.
Компанијата ја намали очекуваната оперативна маржа на 1 отсто, од претходно предвидените 4 до 5,5 отсто. Како причини за влошувањето „Фолксваген“ ги наведе обезвреднувањето поврзано со нејзиниот голем удел во „Порше“, дополнителното влошување на пазарните услови — особено во Кина — и трошоците за преструктуирање. Од компанијата додадоа дека забрзаниот пресврт на побарувачката кон електрични возила ќе доведе до резултати под првичните очекувања, особено кај брендовите „Ауди“ и „Фолксваген патнички автомобили“.
Истовремено, „Фолксваген“ во понеделникот беше исфрлен од индексот „Евро Стоxx 50“, одлука што беше објавена претходно овој месец како дел од годишното ажурирање на индексот. На негово место влезе финската „Нокиа“, која бележи огромен раст благодарение на поврзаноста со вештачката интелигенција и клучната улога во поврзувањето на дата-центрите. Акцијата на „Фолксваген“ годинава е намалена за 27,5 отсто и е близу најниското ниво од 2010 година.
Аналитичарите на „Дојче банк“ оценија дека најновото предупредување за добивката „на прв поглед изгледа сурово“, но дека „значително го преценува влошувањето на основната дејност“. Според нив, ажурирањето вклучува 10 милијарди евра еднократни ефекти што ќе го погодат годинешниот резултат, но основните маржи остануваат околу 4 отсто, а способноста за создавање готовина останува непроменета.
Излегувањето на „Фолксваген“ од елитниот индекс го одразува притисокот врз европскиот автомобилски сектор, кој во последниве години е погоден од повисоки трошоци, засилена глобална конкуренција и тешкотии да одговори на брзо променливата побарувачка за електрични и хибридни возила. Производителот на „Џип“ и „Доџ“, „Стелантис“, излезе од индексот пред една година поради сопствените предизвици и преструктуирање.