Фискалниот совет предупредува: дефицитот во ПИОМ достигна 800 милиони евра, потребен е раст на придонесите

Дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) достигна 800 милиони евра, што претставува 5,2 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), предупредија економските аналитичари од Фискалниот совет на Република Северна Македонија на денешната презентација. Според анализата на Советот, „дупката“ во пензискиот фонд би можела во следните години да се продлабочи за околу 1,3 милијарди евра доколку итно не се спроведат реформи.
Како што беше посочено на презентацијата, кусокот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, каде спаѓаат пензиите, трошоците за Вториот столб и придонесите за здравство, достигнал 54,4 милијарди денари или 5,2 отсто од БДП. За само една година дефицитот се зголемил за над 160 милиони евра.
Анализата на Фискалниот совет, направена по барање за одржливост на пензискиот систем, покажува дека доколку не се преземе нешто наскоро, во 2030 година дефицитот би изнесувал 6,3 проценти од БДП. Со тоа би го достигнал врвот од околу 6,6 проценти во периодот 2035-2037 година. Како најризичен период се посочува 2038-2048 година, кога транзициските трошоци го достигнуваат врвот, а бројот на осигуреници на еден пензионер паѓа под 1,3.
Според податоците изнесени на презентацијата, од 2023 година расходите за пензии растат значително побрзо од приходите од придонеси, поточно 19 проценти во 2025 година наспроти 8,8 проценти.
Директорот на ПИОМ, Никола Мемов, смета дека решението е во раст на придонесите за пензиско осигурување. „Овие 18,8 проценти не се доволни за сега ние самите да си ја платиме пензијата. Тоа го покажуваат и нашите пресметки. Оваа стапка на придонес треба да расте, но постепено“, рече Мемов.
Она што треба да се менува, според Мемов, е и сегашната методологија на исплата на пензиите. „Сега се пресметуваат според просечната плата и годините на стаж, но и не според вкупниот придонес што го дава осигуреникот. Тоа го стимулира дефицитот затоа што вработените со големи плати кога ќе го достигнат нивото за пензија од 60 или максималната 85 илјади денари, престануваат да уплаќаат придонеси“, вели Мемов. Тој додаде дека има случаи на граѓани кои примаат месечно плата и до 10 милиони денари, а плаќаат придонеси само на еден милион денари.
Според Фискалниот совет, треба да се напуштат и ад хок решенијата за зголемување на пензиите, како што се линеарните зголемувања. Аналитичарите предупредија дека пензискиот систем е под притисок и дека е неопходно навремено преземање мерки за негова одржливост.