Фискалниот совет денеска ги презентира анализите за иднината на пензискиот систем и Вториот столб

Финансиската и демографската одржливост на пензискиот систем, како и можните насоки за негови реформи, денеска ќе бидат во фокусот на презентација што ја организира Фискалниот совет. На настанот ќе бидат претставени најновите анализи и проекции за идниот развој на пензискиот систем во Северна Македонија, со посебен осврт на функционирањето и перформансите на Вториот пензиски столб.
Клучните наоди од анализите ќе ги презентира претседателот на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети. Извршната директорка на Finance Think, Благица Петрески, пак, ќе ја претстави студијата насловена „Одржливост на пензискиот систем во Северна Македонија“, која содржи симулации на можни реформски решенија.
Во програмата е предвидено и излагање на проф. д-р Шпреса Алија од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, која ќе ја презентира анализата за перформансите на Вториот пензиски столб, изработена во соработка со МАПАС. Според најавите, меѓу темите за кои ќе се дискутира се финансискиот јаз во пензискиот систем, влијанието на демографските трендови врз неговата одржливост, можните реформи за обезбедување стабилност на системот, како и приносите и идниот развој на Вториот пензиски столб.
Настанот е закажан за денеска, а неговата цел е да понуди стручен увид во состојбите и перспективите на еден од најчувствителните сегменти на јавните финансии. Пензискиот систем во Северна Македонија со години се соочува со предизвици поврзани со демографските движења и со потребата од обезбедување долгорочна стабилност, а токму овие прашања се во центарот на вниманието на денешната презентација.