FinPortal.mk

25-тата Годишна конференција на Македонска берза ги обедини финансиската и деловната заедница во Охрид

FinPortal.mk  · 

Македонската берза ја одржа својата јубилејна 25-та Годишна конференција, која од 21 до 23 септември во Охрид ги обедини претставниците на финансискиот и деловниот сектор, регулаторите, институциите, инвеститорите, академската заедница и меѓународните експерти.

На конференцијата учествуваа над 270 претставници, а во програмата беа вклучени 27 говорници и панелисти од шест земји. Низ презентации, панели и разговори тие ги отворија најактуелните прашања поврзани со развојот на пазарот на капитал, финансирањето на корпоративниот раст и новите трендови во финансискиот сектор.

Јубилејната конференција беше отворена со обраќања на Бујаре Абази, претседателка на Комисијата за хартии од вредност, и Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза. Вториот конференциски ден започна со обраќање на заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски.

Во рамки на специјалните обраќања, Patrick Young, меѓународен експерт за финансиски пазари, стратег за развој на берзи и автор, зборуваше на тема „Мал пазар, голема можност: Како малите пазари можат да го поттикнат економскиот раст“, отворајќи го прашањето за улогата на малите пазари на капитал во поддршката на економскиот развој.

Посебно внимание беше посветено и на искуството на една од водечките македонски компании. Во разговорот „Искуства на македонска blue-chip компанија“, генералниот директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов, заедно со Иван Штериев, дискутираа за искуствата на компанијата и односот со пазарот на капитал.

Во тематскиот блок „Регионалните трендови и ние“ беа разгледани повеќе аспекти од развојот на регионалните пазари. Fatih Sahbaz, главен извршен директор на Халк Банка Скопје, говореше за предизвиците пред банките во услови на глобални промени, додека Mihael Blazekovic, главен аналитичар во Bloomberg Adria, даде компаративен поглед на регионалните пазари на капитал. Marko Bombac, главен извршен директор на Љубљанската берза, се осврна на посебните индивидуални инвестициски сметки и нивното потенцијално влијание врз пазарот на капитал.

Важен дел од програмата беше посветен на улогата на долгорочниот капитал во индустрискиот развој, со учество на Татјана Бојковска, член на Управниот одбор на Сава Пензиско Скопје, и Марија Дуковска Павловска, генерален директор во Макстил Скопје. Модератор на разговорот беше Марјан Петрески, професор на Факултетот за деловна економија и организациони науки при Универзитет Американ Колеџ Скопје.

Искуствата и клучните лекции од процесите на IPO беа презентирани од страна на Ivan Augustin, член на Одборот на директори на ING-GRAD Zagreb. Во продолжение беа отворени и теми од особено значење за идниот развој на македонската економија, меѓу кои финансирањето на проекти од обновливи извори на енергија и системи за складирање енергија, презентација водена од Виктор Делов, виш менаџер за регионални односи во Danske Commodities.

Особено значајна беше панел-дискусијата „Дали македонските компании сакаат капитал: Проект за поттикнување на пазарно финансирање на МБ и ЕБОР“, на која учествуваа Маја Столевска Костадинова, менаџер на националната програма за советување на бизниси при ЕБОР, Slaven Kartelo, партнер во PwC Croatia, Робин Зимбаков, сопственик на Солопром Скопје, и Нина Мојсова Ќосева, директор на Сектор Финансии во Иуте Македонија. Дискусијата, модерирана од Каролина Каровска Божиноска од Македонска берза, ги отвори практичните аспекти на пристапот до капитал, подготвеноста на компаниите за пазарно финансирање и искуствата од процесот на подготовка за користење на различни инструменти на пазарот на капитал.

Вториот конференциски ден беше посветен на алтернативните извори на финансирање, при што на панелот „Алтернативни извори на финансирање – искуства и перспективи“ дискутираа Владимир Пешевски, поранешен вицепремиер за економски прашања, Дејан Калиников, генерален директор на СПМГ Цапитал, Silvijo Radušic, генерален директор на Provectus Capital Partners, и Rok Habinc, партнер во Pan-Adria Partners. Модератор на панелот беше Иван Мишев од PwC Северна Македонија.

Програмата продолжи со темите дигитални средства и токенизација, како и нивното потенцијално влијание врз трансформацијата на инвестициските пазари. Jai Waterman, главен извршен директор на Blockstation, ги презентираше можностите поврзани со токенизацијата и дигиталните средства.

Една од централните теми на вториот ден беше и вештачката интелигенција и финансиските пазари. По презентацијата на Филип Петровски, извршен директор на Data Masters, следуваше fireside chat со д-р Петре Ламески, декан на ФИНКИ, и д-р Кирил Јовановски, редовен професор на Економскиот факултет во Скопје. Во разговорот беа разгледани можностите и предизвиците што ги носи примената на вештачката интелигенција во финансискиот сектор и на пазарите на капитал.

Презентациите од конференцијата се достапни на интернет, а објавена е и галерија од настанот.