FinPortal.mk

Филипче: Пиперката им скапува на земјоделците, а откупната цена од 17 денари не ги покрива ни трошоците

FinPortal.mk  · 
Филипче: Пиперката им скапува на земјоделците, а откупната цена од 17 денари не ги покрива ни трошоците

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, оствари средби со земјоделци во селото Обршани во општина Кривогаштани и во селото Дебреште во општина Долнени, каде што производителите од различни сектори ги изнесоа проблемите со кои се соочуваат во секојдневното работење. На средбите земјоделците алармираа дека состојбата во земјоделството е катастрофална, бидејќи голем дел од родот, меѓу кој и црвената пиперка, е скапан поради тоа што не бил откупен навреме.

Земјоделците од Обршани и околните села во општина Кривогаштани посочија дека власта ги излажала во однос на откупот на црвената пиперка. Според нив, откуп воопшто нема, пиперката им скапува на нивите, а она што сепак се откупува го прават по понижувачка цена од 17 денари за килограм. Таквата цена, велат тие, во услови кога сè е поскапено, не ги покрива ниту производните трошоци, што ги доведува во невозможна положба да го покријат она што го вложиле во производството.

Филипче на средбата им порача на земјоделците дека СДСМ ќе подготви предлог-мерки со кои финансиски ќе им се помогне. Тој најави дека партијата ќе поднесе предлог-мерка за интервентен откуп и за гарантирана соодветна цена од 30 денари за килограм за тие количини црвена пиперка што не се откупени. За земјоделците на кои пиперката поради тоа што немало откуп веќе им е скапана и уништена, предвидено е да се обезбеди обештетување.

Во селото Дебреште, пак, земјоделците го отворија прашањето за штетите од невремето што се случи летово и потребата од обештетување на погодените тутунопроизводители. Особено беше истакнат тутунот во Дебреште, каде што штетите се стопроцентни. Огромни штети од невремето имаше и во селата Заполжани, Новоселани, Ропотово, како и во дел од Пешталево, што дополнително ја влоши положбата на производителите во тој регион.

Филипче на средбата во Дебреште најави дека пратеничката група на СДСМ, согласно барањата и предлозите на земјоделците, во најкус рок во Собранието ќе поднесе предлог-мерки за финансиска поддршка, со цел да им се помогне на земјоделците. Тој изрази подготвеност партијата да поднесе предлог-закон во Собранието за да им се помогне на земјоделците во овие тешки времиња.

Според Филипче, земјоделците бараат помош, бараат решение и бараат некој да ги слушне, но оваа власт упорно ги игнорира и ги остава сами да се справуваат со проблемите со кои се соочуваат. Тој оцени дека токму ваквата состојба доведе до тоа родот да остане неоткупен, а производителите да останат без приходи и без институционална поддршка.

Средбите во Обршани и во Дебреште се дел од активностите на СДСМ за непосреден контакт со земјоделците и за запознавање со состојбите на терен, при што партијата најави конкретни законски и финансиски мерки што ќе ги предложи во Собранието. Земјоделците, од своја страна, очекуваат нивните барања конечно да бидат разгледани и да добијат конкретна помош, со оглед на тоа што сезоната им е уништена, а трошоците за производство продолжуваат да растат.