Филипче: Обидот за преземање на СДСМ е „пуч од кафана и хотел“, нема да го дозволам

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска остро реагираше на обидите за преземање на партијата, оценувајќи ги како нечесни и неискрени. Тој изјави дека се видел поединечно со луѓето кои стојат зад овие намери и дека смета оти станува збор за нова платформа којашто всушност претставува нов ЗНАМ. Според него, тоа се луѓе коишто биле на многу високи партиски функции и коишто молчеле кога се формираше првиот ЗНАМ, а сега сакаат со пуч да ја преземат партијата.
„Партијата има демократски институции. Можеа да се кандидираат за раководство. Како тоа сега сакаат да ја преземат партијата, и тоа од кафеана, од ресторан или од хотел? Како мислат дека може така да влетаат и нешто да им припадне понатаму?“ рече Филипче.
Тој јасно и гласно порача дека нема да дозволи таков развој на настаните. Според него, она што го бараат овие луѓе не е вистинска реформа, туку обид за преземање на партијата преку нечесни средства. Филипче потсети дека СДСМ е единствената партија што на овој начин, силно, отворено, транспарентно и со податоци се бори со Христијан Мицкоски и со неговата, како што ја оцени, арамиска, антинационална и антимакедонска политика на изолација, корупција и уназадување на општеството, не само на државата.
„Каква реформа бараат овие луѓе? Пак ќе кажам, јас сум спремен да се сретнам со кој било и да дебатирам на која било тема. Јас знам дека секоја дискусија тие ќе ја загубат, затоа што намерите не им се искрени и чесни“, порача претседателот на СДСМ.
Филипче посебно се осврна на случајот со пратеничката Славјанка Петровска, на која, како што рече, СДСМ ѝ дал мандат. Тој оцени дека е нелогично пратеник којшто е избран, на денот на поставување пратенички прашања, наместо да биде во Собранието и да ја прашува власта, да оди на дебати и да се расправа за партијата којашто ѝ дала доверба да биде пратеник. „Тоа се нелогичности и оттука произлегува нивната нечесна намера. Тоа е нов ЗНАМ. Втора варијанта, затоа што овој сега пропадна. Но, јас тоа нема да го дозволам“, рече Филипче.
Тој ги спомена и поединците кои, според него, стојат зад овие обиди. Игор Ивановски, којшто ја пишуваше програмата во 2024 година, со таа програма доживеа дебакл. Андреј Петров, којшто беше член на Извршниот одбор на партијата пред којшто Бујар Османи го презентирал францускиот предлог, и тогаш, како што тврди Филипче, немал забелешка за францускиот предлог, а сега има забелешка за него и за неговите ставови, затоа што, како што рече, „ние зборуваме за Европа“. Филипче го спомена и Никола Ќуркчиев, којшто добил тендер од 1,6 милиони евра од власта, а за Емилијан Станковиќ оцени дека е небитен.
Изјавата на Филипче доаѓа во момент кога во СДСМ се водат внатрешни расправи за иднината на партијата и за нејзиното раководство. Тој останува на ставот дека секоја дискусија е добредојдена, но дека намерите на оние коишто бараат промени не се искрени и чесни. Според него, партијата има демократски институции преку кои може да се избере раководство, но не и да се презема партијата на начин на којшто, како што рече, се обидуваат да го сторат некои поранешни високи функционери.