Филипче: Не очекувам ништо од средбите со Бугарија, овие луѓе не сакаат во Европа

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција изјави дека не очекува конкретни резултати од најавените средби на Владата со бугарските власти, оценувајќи дека досегашниот пристап на извршната власт не придонел за подобрување на односите со соседните земји, туку напротив, довел до нивно заострување.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека средбите со Бугарија требало да се одржат многу порано и оцени дека Министерството за надворешни работи треба редовно да комуницира со соседните држави. Според него, обврска на министерот за надворешни работи е пред сè да се среќава со земјите соседи и да ги подобрува меѓусоседските односи.
„Ништо не очекувам, да глумат повторно патриоти. Што ќе биде целта на средбата? Зошто немаше до сега средба? Обврска е на министерот за надворешни работи да се среќава пред сè со земјите соседи, да ги подобрува меѓусоседските односи“, рече Филипче.
Тој посочи дека Македонија има две соседни земји кои се членки на Европската Унија и дека, според него, досега требало да има повеќе средби со нивните власти. Филипче праша и зошто европскиот пат на Македонија би се разгледувал како билатерално прашање со Бугарија, наместо во рамките на односите со Европската Унија.
„Зошто треба да се оди во Бугарија, кога ние имаме работа со Брисел на темата? Зошто сакаат тоа да го направат, да го билатерализираат прашањето кога не е така како што тие сакаат да го прикажат“, рече тој.
Во продолжение, Филипче повтори дека не очекува конкретен исход од средбата и ја обвини Владата дека нема вистинска намера да придонесе кон европската интеграција на земјата.
„Нека оди министерот, тоа му е работа, прашањето е зошто не беше до сега и што може да се очекува од таа средба. Јас повторно ќе кажам, ништо не очекувам, затоа што сè е изговор, овие луѓе не сакаат во Европа“, изјави Филипче.
Изјавата на претседателот на СДСМ доаѓа во момент кога Владата најавува средби со бугарските власти, а Филипче смета дека ваквите контакти требало да се случат многу порано и дека нивното одложување говори за отсуство на вистинска посветеност кон европскиот пат на Македонија.