Филипче: Изолационистичката политика на Мицкоски го загрозува националниот идентитет и ги затвора вратите кон Европа

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со изолационистичката политика на Владата директно го загрозува националниот идентитет на државата и ги доведува во опасност највисоките национални интереси, меѓу кои и интеграцијата во Европската унија. Според Филипче, она што власта го претставува како заштита на националните интереси всушност претставува нивно загрозување, а изолацијата во која се наоѓа земјата веќе ги покажува своите последици.
Филипче потсети на изјавата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека Преспанскиот договор го потврдува македонскиот идентитет и го постави прашањето што всушност штити Мицкоски сега кога, како што рече, претседателката тврди дека идентитетот е потврден токму со тој договор. Според него, вистината е едноставна и се сведува на тоа дека Мицкоски лаже, исто како што, како што рече, лажел со години наназад кога ветувал дека ќе го врати името, дека ќе го поништи Преспанскиот договор и дека ќе го поништи и репреговара договорот со Бугарија.
„Ништо не направи, ниту пак сега нешто прави. Оваа власт не само што не ги брани, ги загрозува националните интереси. Затоа што наши највисоки национални интереси, меѓу другото, во рамките на тоа е и интеграцијата во Европската унија. Еве сега гледаме како да се живее во изолација“, порача Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека изолацијата има директно влијание врз економската состојба во државата и ја обвини власта дека зема скапи кредити наместо да ги користи европските неповратни средства. Според него, земјата е презадолжена, а буџетот е во катастрофална состојба, токму поради тоа што, како што тврди, се затворени вратите за европските грантови кои претставуваат неповратни средства. Филипче нагласи дека задолжувањето се користи за трошење, а не за капитални инвестиции или капитален раст.
Тој оцени дека ваквата економска политика, заедно со изолационистичката политика водена во име на лажен патриотизам, ја води државата кон пропаст. Според Филипче, ВМРО и Христијан Мицкоски црвените линии ги користат за лично богатење и за лажен патриотизам, додека СДСМ, како што рече, тие линии ќе ги користи за напредок на државата и за благосостојба на сите граѓани.
Филипче предупреди и на демографските последици од ваквата политика. Како што рече, во изолација се губи идентитетот, младите ќе избегаат, ќе земаат бугарски пасоши и сите ќе заминат од земјата. Тој го истакна и податокот дека оваа година во прво одделение се запишани илјадници деца помалку, прашувајќи се каде се тие млади родители во Европа и оценувајќи дека веројатно огромен број од нив имаат бугарски пасоши.
„Христијан Мицкоски директно го загрозува националниот идентитет со оваа изолационистичка политика и тоа светот веќе го знае и затоа му покажува кај му е местото со такви маргинални состаноци во Америка“, порача Филипче.
Обвинувањата на претседателот на СДСМ доаѓаат во период кога темата за надворешнополитичкиот курс на земјата и односите со европските партнери останува една од централните во јавниот дискурс. Филипче ја поврза изолацијата директно со економската положба на граѓаните и со иднината на младите генерации, оценувајќи дека токму тие се најголемите губитници од политиката што ја води актуелната власт.