Филипче ги нарече поранешните функционери на СДСМ „шемаџии и пучисти“ и ги обвини дека партијата ја довеле до катастрофален пораз

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со жестоки обвинувања се нафрли на поранешните функционери на партијата собрани околу платформата „Разговори за иднината во 12:05“, нарекувајќи ги „шемаџии“ и „пучисти“ и обвинувајќи дека зад нив стои премиерот Христијан Мицкоски. Според Филипче, целта на оваа платформа е да ја дефокусира партијата и да ја фрагментира, што, како што рече, е единствениот начин ВМРО-ДПМНЕ да ја задржи власта.
„Христијан Мицкоски ги прати да нè дефокусираат. Ама нема да успеат. Видовме формирање на ЗНАМ. Но нема да им успее. Ние се бориме за интересите на граѓаните и државата, затоа што СДСМ не е пазар на кој секој може да дојде и да земе што сака“, рече Филипче. Тој порача дека СДСМ секогаш водел државотворни политики и дека обидите за поделба на партијата нема да успеат. „Овие шемаџии, овие пучисти нема ништо да направат. Ова е ВМРО-вска сцена“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче ја критикуваше платформата и поради учеството во разговори со претставници на Левица, притоа спротивставувајќи ги надворешнополитичките позиции на двете партии. „Оваа партија дала заменик-генерален секретар на НАТО, а тие седат до луѓето кои држеа транспарент ‘НАТО убива’“, рече тој. Според него, ВМРО-ДПМНЕ може да ја задржи власта само доколку СДСМ биде фрагментиран, а како пример го посочи формирањето на ЗНАМ. „Нема друг начин ВМРО да владее ако нас не нè фрагментираат. Тоа го направија со ЗНАМ, а ЗНАМ веќе не постои, луѓето се враќаат кај нас. И сега се случи ова“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ призна дека изборниот пораз на партијата во 2024 година бил „катастрофален“ и рече дека разговара со луѓето за пропустите што довеле до него и за начинот на кој партијата повторно би ја освоила власта. Потоа директно ги прозва дел од учесниците во платформата „Разговори за иднината во 12:05“, потсетувајќи дека и тие биле дел од раководните структури на СДСМ во периодот пред изборниот пораз.
„Таму на масата вчера седеа неколку луѓе кои учествуваа во работата на СДСМ до 2024. Игор Шема ја правеше програмата. Андреј Петров беше шеф на штаб. Славјанка Петровска држеше една од највисоките министерски функции – ресорот одбрана“, рече Филипче. Тој го спомена и поранешниот вицепремиер Артан Груби, тврдејќи дека неговото однесување влијаело врз рејтингот на СДСМ, а од поранешните функционери побара одговор што направиле во тоа време.
Обвинувањата на Филипче доаѓаат во момент кога СДСМ се соочува со внатрешни превирања по изборниот пораз во 2024 година, а поранешни функционери на партијата јавно бараат нова насока преку платформата „Разговори за иднината во 12:05“. Филипче, пак, инсистира дека партијата останува обединета и дека обидите за нејзино фрагментирање, како што рече, ќе пропаднат, повикувајќи се на искуството со ЗНАМ, чии гласачи, според него, веќе се враќаат во редовите на СДСМ.