ФФМ со бесплатен влез за младите фудбалери и навивачките групи на дуелот Македонија – Шкотска
FinPortal.mk · 3.10.2026 г.
Фудбалската федерација на Македонија на денот кога се игра натпреварот меѓу Македонија и Шкотска објави дека влезот на Националната арена „Тодор Проески“ ќе биде бесплатен за децата кои се дел од младинските фудбалски лиги, како и за сите организирани навивачки групи. Со оваа одлука, како што стои во соопштението на ФФМ, се излегува во пресрет на најмладите фудбалери и на навивачите кои побарале организирано присуство на мечот. Според соопштението на Федерацијата, бесплатен влез на натпреварите на Македонија имаат младите фудбалери придружувани од своите тренери од Детската лига, фудбалските школи, како и сите младински категории во системот на ФФМ – пионери, помлади пионери, кадети и младинци. За натпреварот Македонија – Шкотска, влезот за нив на западната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ е бесплатен. Свое место на трибините имаат и навивачките групи кои побараа организирано присуство на натпреварот, се наведува во соопштението. Од ФФМ потенцираат дека бесплатниот влез за најмладите фудбалери и нивните тренери е обезбеден за сите натпревари на Македонија во овој циклус. Тоа значи дека одлуката не се однесува само на дуелот со Шкотска, туку претставува поширока мерка со која Федерацијата сака да ги приближи младите генерации до националниот тим. Оваа одлука доаѓа во момент кога интересот кај македонските навивачи за дуелот со Шкотска беше очајно мал. Причината е логична ако се знае дека Македонија нема победа повеќе од една година и нема дадено гол над 600 минути. Покрај слабата форма на репрезентацијата, и билетите беа причично скапи, со цени од 500 денари до 3.000 денари, што дополнително го намали интересирањето за натпреварот. Со бесплатниот влез за младите фудбалери и за организираните навивачки групи, веројатно доаѓа спас во последен час за да не се случи во Скопје Шкотска да има повеќе навивачи од Македонија. Шкотите најавија дека ќе дојдат преку 3.000 навивачи на стадионот, што дополнително ја зголемуваше опасноста домашната трибина да остане пр