ФАА ја одложува сертификацијата на „Боинг 737 Макс 10“ поради нов софтверски проблем
Федералната авијациска администрација (ФАА) нема да ја сертификува „Боинг 737 Макс 10“ додека не процени нов софтверски проблем што може да влијае на одредени процедури за слетување, изјави администраторот на агенцијата, Брајан Бедфорд. Одлуката претставува потенцијален удар за производителот, кој бара владино одобрување за најпродаваната фамилија авиони.
„Не заклучивме дали ова е прашање на безбедноста на летот или не, но ќе го одложиме 10 ... додека не бидеме задоволни дека тука немаме проблем“, рече Бедфорд на прес-конференција во Вашингтон посветена на модернизацијата на воздушниот сообраќај. По неговите коментари, акциите на „Боинг“ паднаа за повеќе од 6 отсто во попладневното тргување, продолжувајќи ги претходните загуби.
„Боинг“ соопшти дека минатиот месец укажал на софтверска грешка кај некои авиони од фамилијата 737 Макс, која може да влијае на одредени процедури за слетување. Според компанијата, проблемот може да се појави кај системот за вертикална навигација откако авионот ќе промаши пристап и мора повторно да се насочи и да се постави за слетување, на пример кога има пречка на пистата.
Извршниот директор на „Боинг“, Кели Ортберг, им изјави на инвеститорите претходно овој месец дека компанијата очекувала „многу скоро“ да добие зелено светло од регулаторот за авионите чија сертификација доцни со години. Бедфорд потврди дека ФАА минатиот месец го одобрила „Макс 7“, најмалиот авион во фамилијата, и дека „Боинг“ го отстранил претходниот проблем во системот, но „неочекувано ... вовел нова грешка“.
Од „Боинг“ изјавија дека продолжуваат да ја следат насоката на ФАА во процесот на сертификација. Американските авиокомпании соопштија дека не поседуваат авиони „Макс“ со оваа грешка и дека, доколку е потребно, се вратиле на постариот софтвер без проблемот.