Европските фармацевтски гиганти предупредуваат: губиме битка со САД и Кина
FinPortal.mk · 22.9.2026 г.
Девет од најголемите европски фармацевтски компании упатија заедничко писмо до националните лидери на европските земји со предупредување дека континентот „губи битка“ со конкурентите, меѓу кои САД и Кина, во развојот на нови лекови и привлекувањето инвестиции. Писмото, насловено „Европа ја губи трката за фармацевтски инвестиции – но враќањето е во дофат“, е потпишано од претседателите на компании како AstraZeneca, GSK и Novo Nordisk, како и од Boehringer Ingelheim, Chiesi group, Sanofi, Ipsen, Novartis и Roche. Во писмото се наведува дека фармацевтскиот сектор е едно од големите повоени достигнувања на Европа, кој поддржува милиони висококвалификувани работни места и генерира трговски суфицит на ЕУ од над 220 милијарди евра. Сепак, авторите предупредуваат дека „ова тешко стекнато наследство е во опасност“. Според податоците на Европската федерација на фармацевтски индустрии и асоцијации (EFPIA), Кина ја престигнала Европа во клинички испитувања, фармацевтски патенти и развој на нови лекови. Учеството на Кина во глобалните клинички испитувања пораснало од помалку од 10 отсто на речиси 30 отсто во истиот период. Лековите што сепак стигнуваат до европските пациенти чекаат во просек речиси 600 дена, при што разликите меѓу земјите се огромни – од медијан од 56 дена во Германија до 1.201 ден во Романија. Потписниците проценуваат дека само затворањето на јазот во клиничките испитувања би можело да генерира 53 милијарди евра и да создаде 82.000 работни места во Европа. Тие ги повикуваат националните лидери да работат заедно за да ја превртат опаѓачката конкурентност на Европа, да отворат нова ера на медицински откритија и да обезбедат здравствена сувереност, нагласувајќи дека современите лекови треба да се третираат како витална инфраструктура, исто како одбраната или енергетиката.