Европскиот парламент усвои нови правила за правата на патниците — поврат на пари за откажани летови во рок од 14 дена

Европскиот парламент даде зелено светло за нови правила со кои треба да се зајакнат правата на патниците и да се олесни добивањето поврат на средства и обештетување при проблеми со патувањата. Измените се однесуваат на сите видови превоз и беа усвоени со 652 гласа „за“, два „против“ и осум воздржани, објави Скопје1.
Со новите правила се уредува и враќањето на парите за откажани авионски билети купени преку посредници, како туристички агенции и интернет-платформи. Патниците ќе имаат право на целосен поврат на средствата, вклучително и посредничките надоместоци, во рок од 14 дена. Авиокомпаниите ќе треба да ги префрлат парите на посредниците во рок од седум дена, а тие ќе имаат уште седум дена да им ги исплатат на патниците.
Посредниците ќе мора уште при резервацијата да ги информираат патниците за условите за поврат на средствата. Предвидено е и воведување единствени обрасци за барања за поврат на пари и обештетување, достапни на сите јазици на интернет-страницата на Европската комисија.
Се зајакнуваат и правата на лицата со попреченост и намалена подвижност. Нивните придружници ќе можат бесплатно да патуваат со авион кога нивното присуство е неопходно, како што веќе е предвидено за автобускиот, железничкиот и поморскиот превоз.
Националните тела ќе добијат и поголеми овластувања за откривање прекршувања на правата на патниците. Тие ќе можат самостојно да започнуваат проверки, инспекции и разговори со превозниците, без да чекаат граѓаните да поднесат поплаки.
Известувачот Матео Ричи од групата на социјалистите и демократите оцени дека со новото законодавство ќе се подобри заштитата на патниците и ќе се обезбеди компаниите да ги исполнуваат своите обврски без граѓаните да мора да поведуваат судски постапки.
Европратеничката од ХДЗ, Николина Брњац, промените ги оцени како „конкретен исчекор“ во заштитата на граѓаните при сите видови превоз. Таа посочи дека се потврдуваат роковите за поврат на средствата: 30 дена за железнички, 14 дена за автобуски и, како што е предвидено со новите правила, 14 дена за авионски превоз.