FinPortal.mk

Европската Унија и германската развојна банка KfW финансираат обнова на девет студентски домови со над 85 милиони евра

FinPortal.mk  · 
Европската Унија и германската развојна банка KfW финансираат обнова на девет студентски домови со над 85 милиони евра

Реконструкцијата на студентските домови во Северна Македонија добива сериозна финансиска поддршка од Европската Унија и германската развојна соработка, откако вкупната финансиска рамка за проектот во моментов изнесува околу 85,56 милиони евра, со очекување конечната инвестиција да надмине 100 милиони евра. Проектот предвидува реконструкција на девет студентски домови, подобрување на енергетската ефикасност, зголемување на безбедноста и комфорот, како и примена на современи стандарди за објекти со речиси нулта потрошувачка на енергија.

На настанот посветен на реализацијата на програмата беше истакнато дека инвестицијата не треба да се гледа само како градежен проект, туку како дел од долгорочниот процес на зелена транзиција и усогласување со европските стандарди. Според пораката што беше испратена од настанот, Европската Унија не инвестира само во згради, туку во европската иднина на земјата.

Стефано Елеро, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, посочи дека реконструкцијата е дел од пошироката Зелена агенда за Западен Балкан, која се темели на пет столба – декарбонизација, отпорност на климатските промени, циркуларна економија, дигитализација и заштита на воздухот, водата и почвата, заедно со одржлив прехранбен систем.

„На почетокот на седумгодишниот период, за Западен Балкан ги идентификувавме четирите приоритети кои на различни начини придонесуваат кон петте стратешки столба. Тоа се животната средина, чистата енергија, одржливиот транспорт и развојот на приватниот сектор“, рече Елеро.

Тој објасни дека Европската Унија преку Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) комбинира грантови со заеми, бидејќи големите инфраструктурни проекти не можат да се реализираат исклучиво со грант средства. „Не станува збор само за тоа нешто да се изгради или обнови. Станува збор за реализација на инвестиции според прецизни критериуми и стандарди кои се целосно усогласени со стандардите на Европската Унија. Тоа воедно е и начин паралелно да се поттикнува процесот на европска интеграција“, истакна Елеро.

Според него, REEP веќе има значајни резултати на регионално ниво – опфатени се јавни инвестиции и околу 25.000 домаќинства, а годишната заштеда на енергија достигнува околу 7.700 мегават-часови. „Тоа е приближно количината на енергија што ја троши половина Скопје во текот на една година. Значи, не станува збор за мала бројка“, нагласи тој.

Проектот за модернизација на студентските домови е замислен како дел од пошироката зелена трансформација поддржана од Европската Унија и германската развојна соработка, при што акцентот е ставен на енергетската ефикасност и на современите стандарди за објекти со речиси нулта потрошувачка на енергија. Со тоа, како што беше посочено, инвестицијата треба да придонесе кон долгорочниот процес на зелена транзиција и кон усогласување на земјата со европските стандарди.

Прочитај го оригиналниот напис →