Европската комисија предупредува: Граѓаните сами плаќаат до 42 отсто од здравствените трошоци, расте бројот на заболени од рак

Граѓаните во Северна Македонија од сопствен џеб покриваат до 42 отсто од здравствените трошоци, што претставува значителна пречка за еднаков пристап до здравствена заштита. Ова го констатира Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на земјата за 2026 година, во делот посветен на заштитата на потрошувачите и јавното здравје, опфатен со Поглавјето 28.
Според извештајот, македонското здравство и натаму се соочува со сериозни структурни проблеми. Иако во 2025 година продолжило благото зголемување на парите наменети за јавното здравство, финансирањето и понатаму останува далеку под просекот на Европската Унија. Комисијата оценува дека универзалната здравствена заштита се обезбедува бесплатно преку примарното здравство, но пациентите мора да плаќаат за одредени болнички услуги, специјалистички прегледи и лекови.
Европската комисија оценува дека опсегот и достапноста на здравствените услуги, особено специјалистичките, како и нивната географска распределба, се несоодветни. Дополнителен проблем претставува недостигот на медицински персонал, при што бројот на медицински сестри на 100.000 жители останува под европскиот просек. Продолжува и одливот на здравствени работници од јавниот во приватниот сектор, како и нивното заминување на работа во странство.
Комисијата посочува дека здравствениот систем во голема мера се потпира на приватно финансирање, преку директни плаќања од граѓаните и доброволно здравствено осигурување, што дополнително ги продлабочува нееднаквостите во пристапот до здравствените услуги. Како дел од забелешките во извештајот се наведени и недоволното финансирање на јавното здравство, одливот на медицински кадар, нееднаквиот пристап до здравствени услуги и недоволната контрола на пушењето во затворени простории.
Посебно загрижувачки се наодите поврзани со малигните заболувања. Европската комисија констатира дека лани продолжил растот на бројот на регистрирани случаи на рак, како и на стапката на смртност од овие заболувања. Иако во земјава се спроведуваат скрининг-кампањи за рано откривање рак на дебелото црево и рак на дојка, во извештајот се забележува дека ХПВ-тестирањето сè уште не е воведено како дел од скринингот за рак на грлото на матката.
Во документот се посочува и дека земјава сè уште нема усвоено стратегија за заштита на потрошувачите, ниту воспоставено соодветна интернет-платформа за нивно информирање. Овие забелешки доаѓаат во момент кога здравствената заштита останува едно од најчувствителните прашања за граѓаните, а извештајот на Комисијата ги потврдува структурните слабости што со години се повторуваат во оценувањето на состојбата во македонското здравство.