Еурофарм Пелистер доживеа тежок пораз кај Гумерсбах во Европската лига

Ракометарите на Еурофарм Пелистер претрпеа убедлив пораз на гостувањето кај германскиот Гумерсбах со резултат 38-28, во натпревар од групната фаза на Европската лига. Поразот доаѓа по ремито во Гдањск, кое се очекуваше да биде пресвртница по убедливиот пораз од Ла Риоха во Битола, но битолчани повторно потфрлија и останаа на последната позиција во групата Г, со значително намалени шанси за пласман во следната фаза од натпреварувањето.
Предводникот на битолчани, Лино Червар, го промени системот на игра во однос на претходниот европски дуел, што беше евидентно на самиот почеток. Со трпелив и концентриран напад, Пелистер успешно му парираше на германскиот претставник во воведните минути. Во петтата минута македонскиот вицепрвак имаше водство од 2-3, а одличен на голот беше Никола Митревски, кој забележа две важни одбрани, меѓу кои и еден седмерец.
Израмнетата игра продолжи до десеттата минута, кога резултатот беше 6-6, а потоа Гумерсбах за првпат успеа да се одлепи на два гола разлика со 10-8. Тоа беше период во кој Алекс Душебајев влезе во одличен ритам и го поведе својот тим. Червар се обиде да се врати со тактиката „седум на шест“, но Пелистер загуби две топки и прими брзи голови на празна мрежа, што му овозможи на домаќинот да дојде до највисоки 13-9.
Советите и тајм-аутот на искусниот хрватски стратег не ја променија сликата на теренот. Гумерсбах продолжи самоуверено во нападот и лесно ги користеше честите грешки на битолчани за да замине на 16-10. На мечот имаше и неколку спорни одлуки на данската судиска двојка, но најголемиот проблем за Пелистер останаа загубените топки, кои беа двојно повеќе во споредба со оние на противникот. До крајот на првото полувреме гостите успеаја само за нијанса да ја намалат негативата и на пауза се замина со резултат 20-15.
На стартот од второто полувреме Червар ја задржа истата бековска линија, а на голот застана Хаидерирад, кој го отвори полувремето со одбрана. Сепак, германскиот тим продолжи да ги кажнува сите грешки на противникот и со голови од далечина на празен гол ја одржуваше сигурната предност. Промените во нападот со влегувањето на Татар и Колаковиќ исто така не донесоа резултат, па Гумерсбах немилосрдно ја полнеше мрежата и во последните десет минути влезе со убедлива предност од десет голови.
Завршницата не донесе ништо ново, па бундеслигашот искусно ја сочува разликата за конечни 38-28. Со овој неуспех битолчани остануваат на последната позиција на табелата во групата Г и значително ги намалија шансите за пласман во следната фаза од натпреварувањето.