ЕУ со 61 милион евра хуманитарна помош за Етиопија поради влошената состојба на север

Европската Унија обезбедува 61 милион евра хуманитарна помош за најранливите луѓе во Етиопија, кои се погодени од конфликти, раселување, избувнувања на болести и климатски опасности, вклучително и влијанието на Ел Нињо. Од Европската комисија соопштија дека Унијата е длабоко загрижена поради брзото влошување на состојбата во Северна Етиопија и влијанието врз населението.
Според соопштението, загриженоста доаѓа по извештаите за воени активности во повеќе локалитети, како и преземањето на аеродромите во Мекеле, Аксум и Шире во Тиграј од силите на Народниот ослободителен фронт на Тиграј. Во изминатите недели ЕУ со загриженост ги следеше и неколкуте напади со дронови извршени од Етиопските национални одбранбени сили. Унијата повикува на итно смирување на тензиите, заштита на цивилите и непречен хуманитарен пристап.
Хуманитарните потреби во Етиопија остануваат високи, особено во областите зафатени од конфликт, тешко достапните подрачја и во регионите Амхара, Бенишангул-Гумуз, Оромија и Тиграј. Земјата прима големи бегалски популации, а конфликтите во соседните Судан и Јужен Судан предизвикуваат масовни ненадејни приливи. Етиопија редовно е погодена и од климатски опасности, што дополнително ги влошува потребите.
Финансирањето на ЕУ ќе обезбеди спасувачка и заштитна помош за најзагрозените луѓе.
Посебно внимание ќе им биде посветено на неодамна раселените лица, бегалците и засегнатите заедници домаќини. Европската Унија повтори дека почитувањето на меѓународното хуманитарно право е императив и не е предмет на преговори, вклучително заштитата на цивилите во секое време и почитувањето на непристрасноста и независноста на хуманитарните операции. ЕУ остро ги осудува нападите врз хуманитарни конвои и секое одбивање на хуманитарен пристап.
Комесарот за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб, изјави: „Луѓето во Етиопија веќе платија превисока цена за конфликтот, раселувањето и гладот. Како што тензиите повторно растат на север, цивилите не смеат повторно да ја платат таа цена. Со 61 милион евра хуманитарна помош, Европа стои со најзагрозените, но помошта мора да може да стигне до нив. Цивилите и хуманитарните работници мора да бидат заштитени. Повторно повикувам на итно смирување на насилството во Северна Етиопија.
Од Европската комисија потсетуваат дека Етиопија продолжува да се соочува со повеќекратни и преклопени хуманитарни кризи, предизвикани од комбинираното влијание на конфликти, климатски удари и повторливи избувнувања на болести. Небезбедноста во неколку региони, вклучително Амхара и Оромија, продолжува да раселува заедници и да го ограничува пристапот до основни услуги, додека земјата прима и над еден милион бегалци од соседните држави. Повторливите суши, поплави и јавноздравствени итни ситуации дополнително ја влошуваат несигурноста со храна и хуманитарните потреби.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатата сабота во Њујорк објави пакет вреден близу 710 милиони евра за поддршка на раселените лица во Африка и помош за луѓето погодени од кризи ширум светот, на завршувањето на 81. недела од високо ниво на Генералното собрание на ОН. Од таа сума, 18 милиони евра ќе поддржат хуманитарни потреби во Етиопија, со што вкупната хуманитарна помош на ЕУ за земјата во 2026 година изнесува 61 милион евра. Вкупниот износ на финансирање е предмет на одобрување од буџетската власт.