ЕУ со 61 милион евра хуманитарна помош за Етиопија поради влошената состојба на север — 28.9.2026

Европската Унија изрази длабока загриженост поради брзото влошување на состојбата во Северна Етиопија и влијанието врз населението, вклучително и извештаите за воени активности во повеќе локалитети, како и преземањето на аеродромите во Мекеле, Аксум и Шире во Тиграј од силите на Народниот ослободителен фронт на Тиграј. Во изминатите недели ЕУ со загриженост ги следеше неколкуте напади со дронови извршени од Етиопските национални одбранбени сили. ЕУ повикува на итно смирување на тензиите, заштита на цивилите и непречен хуманитарен пристап.
Хуманитарните потреби во Етиопија остануваат високи, особено во областите зафатени од конфликт, тешко достапните подрачја и во Амхара, Бенишангул-Гумуз, Оромија и Тиграј. Земјата прима големи бегалски популации, а конфликтите во соседните Судан и Јужен Судан предизвикуваат масовни ненадејни приливи. Етиопија исто така редовно е погодена од климатски опасности, што дополнително ги влошува потребите.
Финансирањето на ЕУ ќе обезбеди спасоносна и заштитна помош за најзагрозените луѓе. Тоа ќе поддржи итна помош во храна и исхрана, здравствена заштита, пристап до вода, санитарни и хигиенски услуги, заштита, сместување и основни предмети за домаќинството, како и образование во итни ситуации. Средствата исто така ќе го зајакнат брзиот итeн одговор на ненадејни кризи, како и активностите за претпазливост и подготвеност за катастрофи. Посебно внимание ќе се посвети на неодамна раселените лица, бегалците и засегнатите заедници домаќини.
Европската Унија повтори дека почитувањето на меѓународното хуманитарно право е императив и не е предмет на преговарање, вклучително и заштитата на цивилите во секое време и почитувањето на непристрасноста и независноста на хуманитарните операции. ЕУ остро ги осудува нападите врз хуманитарни конвои и секој случај на забрана за хуманитарен пристап.
„Луѓето во Етиопија веќе платија превисока цена за конфликтот, раселувањето и гладот. Додека тензиите повторно растат на север, цивилите не смеат повторно да ја платат таа цена. Со 61 милион евра хуманитарна помош, Европа стои со најзагрозените, но помошта мора да може да стигне до нив. Цивилите и хуманитарните работници мора да бидат заштитени. Повкувам на итно смирување на насилството во Северна Етиопија.
Етиопија продолжува да се соочува со повеќекратни и преклопувачки хуманитарни кризи, предизвикани од комбинираното влијание на конфликтот, климатските шокови и повторливите избувнувања на болести.
Небезбедноста во неколку региони, вклучително Амхара и Оромија, продолжува да раселува заедници и да го ограничува пристапот до основните услуги, додека земјата прима над еден милион бегалци од соседните земји. Повторливите суши, поплави и итни ситуации во јавното здравје дополнително ја влошуваат несигурноста во храната и хуманитарните потреби, оставајќи ги ранливите популации сè повеќе изложени на повеќекратни шокови.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, минатата сабота во Њујорк објави пакет вреден близу 710 милиони евра за поддршка на раселените лица во Африка и помош за луѓето погодени од кризи ширум светот, на завршувањето на Неделата на високо ниво на 81. Генерално собрание на ОН. Од таа сума, 18 милиони евра ќе поддржат хуманитарни потреби во Етиопија, со што вкупната хуманитарна помош на ЕУ за земјата во 2026 година изнесува 61 милион евра. Вкупниот износ на финансирањето подлежи на одобрување од Буџетската власт.