Етихад Ервејс“ размислува за тужба против Премиер – лигата поради извештајот за Манчестер Сити

Генералниот спонзор на Манчестер Сити, авиокомпанијата „Етихад Ервејс“, објави дека разгледува можност за преземање правни чекори против Премиер – лигата, откако независна комисија го прогласи клубот за виновен по сите обвиненија за сериозни прекршувања на финансиските правила на англиското првенство. Реакцијата на државниот авиопревозник на Абу Даби доаѓа во момент кога случајот, кој датира од февруари 2023 година, повторно е во центарот на вниманието на фудбалската јавност.
Според наодите на независната комисија, во периодот од сезоната 2009/10 до 2017/18, Манчестер Сити склучувал фиктивни договори со повеќе комерцијални партнери преку прикриена шема за финансирање, со која приходите на клубот биле вештачки зголемени за речиси 900 милиони фунти. Постапката против клубот беше покрената во февруари 2023 година, кога раководството на Премиер – лигата поднесе повеќе од 100 обвиненија против Манчестер Сити.
Раководството на Манчестер Сити и понатаму категорично ја отфрла вината. Главниот извршен директор на клубот, Феран Сориано, во видеообраќање до фудбалерите и вработените целиот процес го нарече „теорија на заговор на Премиер – лигата“.
„Етихад Ервејс“, кој го спонзорира Манчестер Сити од 2009 година, објави официјално соопштение во кое категорично ги отфрла сите наводи дека компанијата била вклучена во нерегуларни комерцијални договори. Од компанијата нагласуваат дека Премиер – лигата во ниту еден момент не ги контактирала во текот на постапката, ниту им била дадена можност да ја изложат својата страна и да ги достават релевантните документи.
Иако името на авиокомпанијата е избришано од објавената јавна верзија на извештајот, од „Етихад“ сметаат дека начинот на кој информациите биле презентирани во јавноста предизвикал сериозна штета на нивната репутација. Поради тоа, компанијата веќе се консултира со правници за заштита на своите интереси, што отвора можност за судска постапка против Премиер – лигата.
По одлуката на комисијата, дел од спонзорите на Манчестер Сити засега зазедоа воздржан став. Компаниите „Лукозејд“, „Келогс“ и „Револут“ соопштија дека нема да ги коментираат заклучоците додека траат постапките. Од „Маџестик Вајнс“ одбија да прецизираат дали ќе продолжат соработката со клубот.
Се очекуваат и ставовите на останатите комерцијални партнери на Манчестер Сити, меѓу кои „Шур“, „Дурекс“, „ЕА Спортс“, „Си Пи Кампани“, „Бритвик“, „Сајлент Најт“, „ОКХ“, „Гаучо“ и „Чампнис“. Нивните одлуки би можеле дополнително да ја обликуваат сликата за последиците што случајот ги носи за клубот, но и за самата Премиер – лига, која сега се соочува со можност да биде тужена од еден од највидливите спонзори во англискиот фудбал.
Случајот со Манчестер Сити е еден од најголемите финансиски спорови во историјата на англиското првенство, а најавата на „Етихад Ервејс“ за правни чекори дополнително ја продлабочува неизвесноста околу исходот. Додека клубот продолжува да ја негира вината, а Премиер – лигата сè уште не се огласила официјално за најавената можна тужба, јасно е дека постапките нема да завршат со одлуката на независната комисија.