Експерти од Грција и Бугарија ќе ги анализираат цените на струјата и блок-тарифите во Македонија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во соработка со Европската комисија, организира експертска мисија која ќе ги анализира цените на електричната енергија и блок-тарифите во Македонија. Мисијата се спроведува преку европскиот инструмент TAIEX и ќе трае до 13 ноември, а во неа учествуваат експерти од Грција и Бугарија, претставници на домашните институции, Регулаторната комисија за енергетика и граѓанскиот сектор.
Главна тема на експертската мисија е постепеното приспособување на цената на електричната енергија на пазарно ниво, заедно со мерките за заштита на граѓаните од енергетска сиромаштија. Во фокусот е реформата предвидена со Реформската агенда за периодот 2024–2027 година, која опфаќа постепено усогласување на цената на електричната енергија со пазарните услови, но и воспоставување мерки за справување со енергетската сиромаштија.
Според Министерството, во текот на експертската мисија ќе се анализираат постојната регулатива за малопродажните цени на струјата, блок-тарифите како механизам за заштита на потрошувачите и европските модели за поддршка на домаќинствата и малите потрошувачи. Посебно внимание ќе биде посветено на начините за препознавање и заштита на граѓаните кои имаат тешкотии да ги покријат трошоците за електрична енергија.
Од Министерството наведуваат дека веќе се направени чекори во оваа насока, меѓу кои воведување законски дефиниции, донесување методологија за мерење на енергетската сиромаштија и спроведување годишни програми за заштита на ранливите потрошувачи. Експертите од Грција и Бугарија ќе ги претстават искуствата од нивните земји, вклучително и краткорочните и долгорочните мерки за финансиска и социјална поддршка, подобрување на енергетската ефикасност и следење на енергетската сиромаштија.
Во разговорите ќе бидат вклучени и Министерството за социјална политика, демографијата и други релевантни институции, со цел да се обезбеди сеопфатен пристап кон решавањето на енергетската сиромаштија и заштитата на најранливите категории граѓани.