Економските предизвици и иднината на инвестициите во фокусот на 13. Ерсте инвеститорски појадок во Скопје

Во Скопје денеска се одржа 13. Ерсте инвеститорски појадок, традиционален настан во организација на Шпаркасе Банка АД Скопје и Ерсте групацијата, кој повторно ги обедини претставниците на институциите, финансиските експерти, економските аналитичари и инвеститорската заедница. Настанот претставува платформа за размена на знаења, анализи и перспективи за актуелните економски движења, финансиските пазари и инвестициските можности.
И годинава, програмата опфати актуелни теми од домашната и од меѓународната економија, со посебен акцент на монетарната политика, макроекономските перспективи на македонската економија, движењата на глобалните пазари и влијанието на геополитичките случувања врз регионалните финансиски текови.
Настанот го отвори Нина Неданоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, која во своето воведно обраќање ја истакна важноста на ваквите иницијативи за унапредување на знаењето, поттикнување на деловниот дијалог и поддршка на стабилен и одржлив економски развој.
„Веќе тринаесет години овој настан претставува значајна платформа за отворен дијалог, размена на знаења и споделување релевантни економски и пазарни согледувања. Нашата цел е да поврземе различни перспективи – од носителите на економските политики и монетарните институции, до водечките финансиски експерти и инвеститори, за да ги анализираме заеднички предизвиците, да ги разбереме трендовите и да ги согледаме можностите што ги носи периодот пред нас“, изјави Неданоска.
Таа особено ја нагласи важноста на дијалогот во време на глобална неизвесност и динамични промени, оценувајќи го како важен предуслов за носење информирани и одговорни деловни и инвестициски одлуки. „Актуелните случувања дополнително нè потсетуваат дека за стабилна економија е неопходен стабилен и отпорен банкарски сектор, способен да одговори и на предизвиците што не можат секогаш однапред да се предвидат. Во тој контекст, Шпаркасе Банка останува посветена на одговорно работење, внимателно управување со ризиците и одржување на довербата на клиентите“, рече Неданоска.
Според соопштението, целта на годинешниот појадок беше да се поврзат различни перспективи – од носителите на економските политики и монетарните институции, преку водечките финансиски експерти, до инвеститорите – со што се создава простор за заедничко анализирање на предизвиците, разбирање на трендовите и согледување на можностите што ги носи периодот пред нас.
Настанот, кој се одржува по тринаесетти пат, продолжува да служи како место каде што институциите, финансискиот сектор и инвеститорската заедница разменуваат согледувања за движењата на домашната и на меѓународната економија, како и за влијанието на глобалните и геополитичките фактори врз регионалните финансиски текови.