FinPortal.mk

Екологистите предупредуваат: предложените измени на Законот за животна средина ги бришат клучните механизми за заштита од загадување

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Екологистите предупредуваат: предложените измени на Законот за животна средина ги бришат клучните механизми за заштита од загадување

Граѓанската организација „Еко свест“ и иницијативата „Зелен хуман град“ остро реагираа на предложените измени и дополнувања на Законот за животна средина, кои денеска треба да се најдат пред пратениците во Собранието. Според екологистите, доколку законскиот текст помине првото читање во оваа форма, тој несомнено ќе создаде правна празнина за толкување, бидејќи од него се бришат суштински делови како управувањето со контаминирани подрачја, измената на значењето на терминологијата од општите одредби, определувањето на рокот за поднесување елаборати за заштита на животната средина и спроведувањето на оценката за влијание врз животната средина (ОВЖС).

Од „Еко свест“ апелираа до пратениците и до Собранието на Република Северна Македонија да ги земат предвид нивните коментари со цел да се спречи создавање на можност за практика што ќе предизвика негативно влијание врз животната средина. Организацијата предупредува дека предложените измени и дополнувања директно се повикуваат на одредбите на Законот за заштита на природата, а веќе постои постапка за донесување на нов закон за природа кој е објавен на ЕНЕР, со што постои можност одредбите од овие два закони да не кореспондираат меѓусебно.

Од иницијативата „Зелен хуман град“ оценуваат дека под превезот на поедноставување, Министерството за животна средина и Владата предлагаат бришење на клучните механизми за идентификација, управување и санација на контаминираните подрачја, со што фундаментално се ослабува заштитата од индустриското и рударското токсично наследство. Истовремено, според нив, со измените се дозволуваат реконструкции на тешка и загадувачка индустрија на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени подрачја, што е забрана која постоела со години.

Екологистите посочуваат и дека со предложените измени се укинува задолжителното снимање на јавните расправи, се ослабуваат гаранциите за електронска достапност на документацијата, а задолжителните институционални мислења за индустриската безбедност се заменуваат со комисија избрана од министерот. Според нив, со измените се избришани членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г од актуелниот Закон за животна средина, кои се однесуваат на идентификација, управување и санација на контаминирани подрачја.

Со елиминацијата на овие членови, тврдат од „Зелен хуман град“, значително се ослабува правната основа за справување со високозагадени подрачја, за што екологистите веќе доставиле свои коментари. Тие потсетуваат дека планот за управување со контаминирани подрачја од членот 28-б со години спречувал контаминирано земјиште да може да се продава или да се дава под концесија, а со неговото бришење се отвора можност некој да продаде загадена земја без купувачот да има сознание за тоа. Со бришењето на членот 28-в, според екологистите, се трга механизмот за санација на ваквите подрачја.

Реакциите доаѓаат во момент кога предложениот законски текст треба да се најде пред пратениците, а екологистите предупредуваат дека последиците од ваквите измени би можеле да бидат девастирачки врз животната средина. Тие бараат нивните коментари да бидат земени предвид пред да се донесе конечна одлука за законските измени.