FinPortal.mk

Дурмиши: Безбедните работни места се инвестиција во луѓето, а не трошок за компаниите

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Дурмиши: Безбедните работни места се инвестиција во луѓето, а не трошок за компаниите

Безбедноста и здравјето при работа претставуваат основно право на секој работник, а создавањето безбедна, здрава и достоинствена работна средина останува еден од приоритетите на Министерството за економија и труд. Ова го истакна министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешниот настан по повод одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, на кој се доделуваат и Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа.

Во своето обраќање пред присутните, министерот Дурмиши нагласи дека безбедноста и здравјето при работа не претставуваат само законска обврска или исполнување на пропишани стандарди, туку основно право на секој работник, прашање на човечко достоинство и заедничка одговорност. Тој ја истакна јасната цел на министерството – секој работник да има безбедна работна средина, да биде заштитен од ризици и по завршувањето на работниот ден да се врати дома здрав и безбеден.

Министерот во обраќањето посочи дека брзиот технолошки развој, дигитализацијата и новите начини на организација на работата, покрај можностите за поголема продуктивност и економски раст, носат и нови предизвици за заштитата на работниците. Особено внимание, како што нагласи Дурмиши, мора да се посвети на психосоцијалните ризици, стресот и влијанието на современите работни процеси врз менталното здравје на вработените.

„Наш приоритет е континуирано унапредување на законската рамка, зајакнување на превенцијата и создавање услови во кои економскиот и технолошкиот напредок ќе бидат проследени со повисоки стандарди за заштита на работниците. Градиме пазар на труд во кој безбедноста и здравјето не се дополнителна обврска, туку составен дел од секој работен процес“, нагласи министерот за економија и труд.

Дурмиши ја потенцираше и заедничката одговорност на институциите, работодавачите, синдикатите, инспекциските служби и самите работници во воспоставувањето култура на превенција, при што особено ја истакна улогата на компаниите. Според него, вложувањето во безбедни и здрави работни услови не треба да се гледа како трошок, туку како долгорочна инвестиција во луѓето, во продуктивноста на компаниите и во конкурентноста на македонската економија.

„Само здрав и заштитен работник може целосно да го реализира својот потенцијал, а компаниите што се грижат за своите вработени создаваат основа за одржлив развој“, порача министерот Дурмиши пред присутните на настанот.

Во рамки на настанот, посебно внимание беше посветено на компаниите кои успешно имплементирале системи за безбедност и здравје при работа, а на најдобрите меѓу нив беа доделени Националните награди за најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа. Одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа претставува традиционална активност со која се подига свеста за важноста на заштитата на работниците и се поттикнува размена на најдобри практики меѓу работодавачите.

Министерството за економија и труд преку ваквите настани ја зајакнува соработката со сите засегнати страни во процесот на создавање безбедна работна средина, а истовремено испраќа јасна порака дека грижата за работниците е предуслов за економски успех и одржлив развој на компаниите и на целата економија.