ДУИ го врати ударот во Брвеница — победата на Ахмети како сигнал за нови политички комбинации

Победата на ДУИ на вонредните локални избори во Брвеница, со која нивниот кандидат Аркин Јахиј ја презеде општината што досега ја управуваше ВМРО-ДПМНЕ, е резултат што ја разбранува македонската политичка сцена и отвора прашања за идните коалициски комбинации. Како што оценуваат политичките аналитичари, станува збор за практична можност да се измерат рејтинзите и способноста на партиите да настапат на избори, самостојно или во коалиција, а не толку за освојување на градоначалничкото место како значаен политички трофеј.
Победата на стариот политички лисец Али Ахмети уште еднаш покажува дека, се додека тој е на чело на ДУИ, никој не може да го отпише од македонската политичка сцена. Од друга страна, пораките што ги упати Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, по изборите можат да бидат основа за „опипување“ на пулсот за нови комбинаторики во понатамошните политички разврски. Очите се вперени напролет, кон можни предвремени парламентарни избори, по кои може да се формираат и други постизборни владини коалиции.
Директните обвинувања на премиерот кон неговите коалициони партнери укажуваат на своевидно разочарување од поддршката на ВЛЕН, кои не се издигнаа над своите можности и не обезбедија целосна поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, победата на ДУИ покажува едно опозициско „обединување“ и прв пораз на ВМРО-ДПМНЕ по подолго време. Причини за некакво задоволство токму затоа има и на Бихаќка, од каде може да продолжат со наративот дека паѓа поддршката за нивните главни политички противници, па дури и самата СДСМ да нема никакви изборни успеси — за нив доволно е ВМРО-ДПМНЕ да изгуби во Брвеница.
Оваа општина се одликува и со голем број иселеници, чие враќање за денот на изборите се покажа можеби и пресудно за коалицијата на ДУИ и нивниот кандидат Аркин Јахиј да извојуваат победа и да ја преземат општината со која досега управуваше ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за практично вонредни локални избори, откако почина градоначалникот Јовица Илиевски од владејачката партија во јуни годинава. Затоа и победата на Јахиј значи дека тој ќе го одработи само остатокот од мандатот во општина Брвеница, се до следните редовни локални избори.
Откако излегоа првите официјални резултати, симпатизерите на ДУИ почнаа да бројат колку албански гласови завршиле на контото на Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во вториот круг влезе како победник од првиот круг одржан на 18 октомври. Математиката покажува дека Радичевски има гласови и од етничките Албанци во Брвеница, што значи дека дел од структурите блиски до владината коалиција останале „лојални“. Сепак, тоа не беше доволно за нова победа.
Секогаш на локални избори во игра влегува еден џокер кој може да ја промени состојбата, а токму враќањето на иселениците за денот на гласањето се покажа како одлучувачки фактор во Брвеница. Со тоа, ДУИ не само што освои градоначалничко место, туку испрати и јасна порака дека и понатаму останува релевантен фактор во македонската политика, додека ВМРО-ДПМНЕ се соочува со прашања за сопствената коалициска стратегија и односите со партнерите од ВЛЕН.