Државата одзеде над 40 концесии за минерални суровини, надоместоците двојно зголемени

Над 40 концесии за експлоатација на минерални суровини се одземени досега поради утврдени нерегуларности, а концесиските надоместоци се зголемени за 100 проценти. Ова го соопшти министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Прашањето го постави пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, кој побара одговори од Министерството за внатрешни работи, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Министерството за локална самоуправа. Тој ја истакна загриженоста за безбедноста при преносот на концесијата за ископ на варовник на локалитетот „Вртекица“ во општина Студеничани, имајќи предвид дека транспортот се одвива преку локалниот пат до Драчево, односно по локалниот пат што го поврзува Драчево со Долно Количани.
Исмаил објасни дека на средината од патот, од Драчево кон Количани, има локален пат кој води до Пагаруша, од каде што продолжува до Вртекица и до локалитетот каде што се врши експлоатацијата. Тој нагласи дека станува збор за локален пат, дел од патната мрежа изграден во времето на Југославија, кој локалните жители сами го одржуваат.
Пратеникот предупреди дека по тој пат сообраќаат тешки товарни возила натоварени со тешка руда и масивни камења, кои пред да стигнат до локалитетот поминуваат низ средината на селото, каде што играат деца, а камионите поминуваат покрај, односно преку просторот што го користат како игралиште. Според него, тој пат не е предвиден ниту за нормален сообраќај, а камоли за тешки товарни возила, и без да се вложи ништо во него се дава одобрение за експлоатација на рудата, со што дополнително се нарушува безбедноста на патот и на локалното население.
Министерката Божиновска одговори дека концесиите се одземени таму каде што биле утврдени нерегуларности и додаде дека зголемувањето на надоместоците треба да обезбеди повеќе средства за општините, кои треба да се користат за инфраструктура и други потреби на локалната заедница.
Во однос на конкретниот случај со концесијата за експлоатација на варовник, Божиновска посочи дека не може да ги знае деталите за сите, како што рече, околу 400 концесии, но нагласи дека при пренос на концесија треба да постои сообраќајна согласност од општината. Таа рече дека претпоставува оти таква согласност постои и најави проверка на случајот.
Министерката информираше и дека по завршувањето на постапката ќе бидат објавени дополнителни детали за случајот со концесијата во Студеничани, како и за мерките што се преземаат за да се обезбеди соодветна инфраструктура и безбедност при транспортот на минералните суровини.