FinPortal.mk

Драгиевиот план за конкурентност на ЕУ по две години останува главно неспроведен

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Драгиевиот план за конкурентност на ЕУ по две години останува главно неспроведен

Пред точно две години, поранешниот претседател на Европската централна банка и поранешен италијански премиер Марио Драги ја предупреди Европа дека ризикува да западне во бавна агонија доколку итно не ја врати својата конкурентност. Неговиот извештај требаше да биде повик за структурен пресврт во европската економска политика, но досегашната реализација покажува дека Европската Унија сè уште се соочува со истиот проблем како и тогаш — има јасна дијагноза и понуден лек, но нема доволно политичка волја и механизми за да го спроведе тој рецепт.

Според следењето на аналитичкиот центар Совет за иновации на европските политики, само 15,7 проценти од 383-те препораки во извештајот на Драги биле целосно имплементирани до јули. Дополнителни 41,3 процент од препораките се сосема малку или делумно спроведени. Друга анализа, на институтот „Монтењ“, која користи различна методологија, дава пооптимистичка слика и проценува дека се реализирани околу 30 проценти од препораките. Но без оглед на разликата во методологијата, двете процени укажуваат дека најголемиот дел од предложените мерки остануваат неспроведени.

Според изворот, најголемата пречка за конкурентноста на ЕУ е судирот меѓу надционалните цели на бриселските ЕУ-елити од една страна и националните интереси од друга, покрај застарените практики и политики на Брисел. Извештајот на Драги и другите европски извештаи за конкурентноста и единствениот пазар на ЕУ одамна ги идентификуваа слабостите, но останува прашањето дали националните влади на земјите членки се подготвени да се откажат од дел од своите национални интереси заради поширок европски интерес и дали институциите на ЕУ се способни доволно брзо да ги претворат договорените цели во конкретни политики.

Изворот наведува дека актуелното бриселско мејнстрим-видување за тоа како треба да се развива Унијата стои наспроти политичкиот антипод што става тежиште на националните интереси, а од актуелен Брисел е етикетиран како антиевропски, па и екстремистички. Токму тој судир, според анализата, се покажува како најголемата пречка за конкурентноста на Европската Унија.

Две години по предупредувањето на Драги, состојбата останува непроменета — дијагнозата е позната, лекот е понуден, но терапијата не се зема. Бавната реализација на препораките покажува дека без доволно политичка волја и без механизми за спроведување, дури и најјасните економски рецепти остануваат само документ на хартија.