ДПМНЕ не ги прифати барањата на Левица за планинска безбедност, велосипедска инфраструктура и училишни спортски сали

Парламентарното мнозинство предводено од ДПМНЕ ги одби сите амандмани што ги поднесе Левица на амандманската расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот, со кои се бараа средства за планинско спасување во Националниот парк Пелистер, развој на велосипедската инфраструктура, изградба на училишни спортски сали и поддршка на планинарските и алпинистичките организации. Одбиени беа и предлозите за воспоставување Национален регистар на спортски федерации, клубови, тренери и спортисти, соопштија од Левица.
Со амандманот за Националниот парк Пелистер, Левица предложи издвојување 30 милиони денари за формирање и опремување служба за маркирање на планинарските патеки и служба за планинско спасување. Според образложението на предлогот, со тоа би се овозможиле побрзи интервенции при несреќи, подобро одржување на патеките и поголема безбедност за планинарите и туристите.
Дополнително, Левица предложи зголемување на средствата за Федерацијата на планинарство и Федерацијата на алпинисти, наменети за одржување на планинарската инфраструктура, поддршка на планинарските клубови, набавка на современа спасувачка и алпинистичка опрема и спроведување обуки. И покрај значењето на овие активности за безбедноста и развојот на планинскиот туризам, ДПМНЕ ги одби предложените средства.
ДПМНЕ го одби и амандманот за развој на велосипедската инфраструктура, за кој Левица предложи 61,5 милиони денари. Инвестициите во велосипедски патеки се важен предуслов за побезбедно движење на велосипедистите, поттикнување одржлива урбана мобилност и намалување на загадувањето на воздухот. Наместо да се поддржи развојот на алтернативните форми на превоз, власта не даде поддршка за предложеното финансирање.
Одбиен беше и амандманот со кој Левица побара враќање и зголемување на средствата за изградба на спортски сали во основните училишта. Со предложеното зголемување, буџетските средства за оваа намена требаше да пораснат од 61,5 на 211,5 милиони денари, со цел да се обезбеди континуитет во изградбата на училишната спортска инфраструктура.
Левица предложи и издвојување 20 милиони денари за воспоставување Национален регистар на спортски федерации, спортски клубови, лиценцирани тренери, спортски работници и спортисти. Регистарот би овозможил поголема транспарентност и отчетност во управувањето со спортот, како и подобар увид во организациите и лицата што дејствуваат во оваа област. И овој предлог беше одбиен од парламентарното мнозинство.
Од Левица оценуваат дека со одбивањето на овие амандмани се пропушта можноста за натамошно унапредување на безбедноста на планинарите, развојот на алтернативниот превоз и подобрувањето на условите за спорт во училиштата. Според нив, предложените средства би биле наменски распределени и директно поврзани со конкретни активности во областите што ги опфаќаат.