Довербата во институциите исчезнува: кој ја изеде иднината на Македонија?

Прашањето што македонската политичка елита упорно го избегнува, а кое станува сè погласно во секојдневието на граѓаните, е кој ја изеде иднината на Македонија. Според размислувањето на проф. д-р Иван Анастасовски, не станува збор само за економија, за висината на платите, за европските интеграции или за тоа кој ќе ја формира следната влада, туку за нешто многу посериозно — изгубената доверба дека оваа држава може да стане нормално, праведно и функционално општество.
Политичари има, политички партии има, ветувања и тек како има, но останува дилемата каде е државата што им била ветена на граѓаните. Проблемот, како што се нагласува, не е само во тоа што некои политички ветувања не се исполнети, туку во тоа што неисполнувањето на ветувањата постепено стана нормална политичка практика. Доаѓањето на секоја политичка гарнитура на власт е проследено со приказни за историски промени, за структурни реформи, за правда за секого или за еднакви можности за сите граѓани, а додека е во опозиција, секоја политичка гарнитура преку прес-конференции најавува дека има решение, при што се држат прес-конференции и за „наводни“ криминали кои реално никогаш не се истражуваат.
Секој изборен циклус започнува со надеж, а завршува со нова пресметка за тоа кој е виновен за претходниот неуспех. И така, државата останува заробена во политичко повторување. Најголемиот пораз на Македонија можеби не е поразот на некоја политичка партија — најголемиот пораз е кога граѓаните ќе престанат да веруваат дека политичката промена воопшто може да им го промени животот. Во тој контекст се укажува дека и СДСМ треба да се запраша и да направи самоанализа, што не би било лошо.
Она што е симптоматично е дека секоја политичка партија доаѓа на власт со ветување дека ќе ја департизира државата, а потоа се соочува со искушението да ја користи истата таа држава за сопствено политичко позиционирање. Партиската книшка премногу често се доживува како предност, а професионалноста како спореден критериум, поради што, како што се оценува, имаме непрофесионални и нефункционални институции. Кога вработувањето, напредувањето, јавните функции и институционалните позиции се доживуваат како дел од партискиот договор, тогаш не зборуваме за модерна европска држава, туку за систем во кој политичката лојалност се натпреварува со знаењето.
Прашањето што произлегува од сето ова е едноставно: дали Македонија ќе стане држава на институции или ќе продолжи да биде држава на партиски мрежи. Како што се нагласува, ова не е прашање само за економијата или за политичката реторика, туку за суштината на државноста и за довербата што граѓаните сè уште ја имаат, или веќе ја немаат, во можноста за вистинска промена.