Домаќинствата создаваат 53 отсто од отпадот од храна во ЕУ, покажуваат податоците на Евростат

Во 2024 година во Европската Унија се создадени околу 129 килограми отпад од храна по жител, покажуваат најновите податоци на Евростат. Вкупната количина на отпад од храна во Унијата изнесува 57,9 милиони тони, вклучувајќи ги и јаделивите и нејадливите делови, што претставува благо зголемување од 0,7 отсто во споредба со 2023 година, кога биле создадени 57,5 милиони тони.
Домаќинствата се најголем извор на отпад од храна и учествуваат со повеќе од половина од вкупната количина. Нивниот удел изнесува 53 отсто, што значи 69 килограми по жител. Рестораните и услугите за храна создаваат дополнителни 12 отсто, односно 15 килограми по жител.
Останатите 35 отсто од отпадот од храна настануваат во претходните фази од синџирот на снабдување со храна.
Податоците за 2024 година не се достапни за Бугарија, Германија и Романија. Евростат ги проценил агрегатите на ЕУ врз основа на сите земји членки, а за земјите без податоци за 2024 година бил користен најновиот достапен показател.
Според методолошките белешки, обврската за годишно известување за нивоата на отпад од храна по сектор на дејност и по домаќинства е утврдена со Директивата за отпад 2008/98/EC, изменета со Директивата (ЕУ) 2025/1892. Заедничката методологија и минималните барања за квалитет за еднообразно мерење на нивоата на отпад од храна се дефинирани со делегираната одлука на Комисијата (ЕУ) 2019/1597, додека форматот за известување е утврден со спроведбената одлука на Комисијата (ЕУ) 2019/2000.