ДОМ предупредува: 6.000 договорни ангажмани кон траен статус без гаранции за мерит-систем

Организацијата ДОМ изрази сериозна загриженост поради предлог-законот за трансформација на договорните ангажмани во редовен работен однос, со кој според Владата би биле опфатени околу 6.000 лица ангажирани со договори на дело, авторски договори, на определено време и преку агенции. Според ДОМ, долгогодишниот ангажман на овие лица и нивната потреба за работна сигурност мора да се решат, но спорно е што решението не е проследено со јасни гаранции за стручноста, компетенциите и еднаквите можности.
Од ДОМ укажуваат дека во самиот предлог нема детална распределба на најавените 6.000 лица по институции, ниту е јасно колку од ангажманите одговараат на реалните кадровски потреби. Токму тука, според организацијата, се наметнува очигледната контрадикторност со јавните заложби на министерот Горан Минчев за департизација и професионализација на администрацијата.
„Не може министерот постојано да порачува дека компетентноста мора да биде мерило за работата, а тука да се прескокнуваат гаранциите за мерит-системот“, се наведува во соопштението на ДОМ. Организацијата потсетува дека Минчев не може да се залага за департизација и вработување според заслуги, а истовремено да не понуди јасни гаранции дека истите принципи ќе важат и при оваа трансформација.
Поради тоа, ДОМ бара целосна транспарентност и јавно објавени критериуми за постапката, претходна проценка на потребите за секое работно место и проверка на квалификациите на лицата што би добиле траен статус, како и независно следење на постапката со редовно објавување податоци по институции. Според организацијата, само така ќе се обезбеди работна сигурност за ангажираните лица, а ќе се заштити и јавниот интерес преку ефикасно користење на средствата на даночните обврзници.
Од ДОМ нагласуваат дека не станува збор за тоа дали овие луѓе заслужуваат сигурност, туку дали државата ќе ја искористи оваа можност за вистинска професионализација или само ќе ги претвори постојните ангажмани во трајни вработувања. Клучот за вработување во администрацијата, заклучуваат тие, мора конечно да се пресели од партиските централи во рацете на професионалноста и компетентноста.