ДОМ бара одговори од Владата пред гласањето за измените на Законот за животна средина

Партијата ДОМ најостро реагираше на најавеното гласање за измена на Законот за животната средина, со кое забраната за индустриски и други загадувачки објекти на помалку од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја се поништува кога станува збор за реконструкција. Според реакцијата на партијата, предложената измена треба да биде ставена на гласање утре во Собранието, а со неа се брише делот „или реконструкција“ од законската одредба што беше воведена во 2022 година.
ДОМ потсетува дека е еден од предлагачите на законското решение со кое во 2022 година беше воведена забрана за изградба и реконструкција на тешка и загадувачка индустрија на помалку од пет километри од населени места и заштитени природни подрачја. Со предложената измена, ограничувањето од пет километри ќе остане за изградба на нови индустриски капацитети, но повеќе нема да се однесува на нивна реконструкција. Тоа, како што се наведува во реакцијата, би значело дека постојни индустриски капацитети, кои денес се наоѓаат во рамките на оваа заштитна зона, би можеле да се реконструираат и повторно да се стават во функција.
Токму затоа, ДОМ бара јасен одговор од Владата за тоа кој е јавниот интерес од укинувањето на ова ограничување. Особено загрижува, како што се истакнува во реакцијата, што измената се образложува како „прецизирање на опфатот“ и усогласување со европското законодавство. Ако целта навистина е подобрување на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето, тогаш мора да се објасни зошто се отстранува конкретна законска заштита што спречува реконструкција на тешка и загадувачка индустрија во непосредна близина на населени места.
Партијата бара пред гласањето на измените да се образложи кои постојни капацитети би биле опфатени со измената, какви влијанија врз воздухот, водата и почвата би можела да има нивната реконструкција, какви ризици се утврдени за населението што живее во нивна близина и врз основа на кои европски стандарди се предлага укинување на оваа заштита. Граѓаните имаат право да знаат дали станува збор за техничко усогласување или за промена што повторно ќе отвори простор за активирање на старите загадувачки индустриски капацитети, стои во реакцијата на ДОМ.
Реакцијата на ДОМ доаѓа во момент кога измените на Законот за животната средина се наоѓаат пред собраниската процедура, а партијата инсистира на целосна транспарентност пред пратениците да се изјаснат за предлогот. Според ДОМ, без јасни одговори за опфатот и последиците од измената, не може да се гарантира дека заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните остануваат приоритет.