FinPortal.mk

ДОМ бара јавно образложение за изборот на локацијата за Националниот дата-центар

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
ДОМ бара јавно образложение за изборот на локацијата за Националниот дата-центар

Партијата ДОМ побара Владата и Министерството за дигитална трансформација јавно да го објават образложението и критериумите врз основа на кои е избрана локацијата за идниот Национален дата-центар. Од партијата оценуваат дека потребата од сигурна дигитална инфраструктура е неспорна, но дека таа сама по себе не дава одговор на прашањето како е избрана конкретната локација и дали биле разгледани сите релевантни аспекти пред да се донесат следните одлуки.

Според информациите објавени на 8 октомври, локацијата е веќе избрана, додека урбанистичката документација и финансирањето сè уште се во подготовка. Министерот најавил дека пред изградбата ќе бидат изработени студија за влијанието врз животната средина и социјална студија. За ДОМ е клучно овие постапки да не се сведат на формално исполнување на условите за изградба, туку да обезбедат реална основа за оценување на проектот и неговите последици.

Од партијата бараат Владата и надлежното министерство да објават дали при изборот биле разгледани алтернативни локации, како и да го претстават проектот со неговите основни технички параметри, вклучително и колкав капацитет ќе има центарот изразен во мегавати. Покрај тоа, ДОМ инсистира да се обезбедат соодветни процени на влијанијата врз животната среда и врз локалната заедница, во согласност со законските обврски, и тоа пред носењето на конечните одлуки.

Посебен акцент партијата става на информирањето и учеството на јавноста. Според ДОМ, граѓаните не треба да бидат информирани за вакви проекти дури откако ќе бидат исполнети условите за нивно официјално претставување. Информирањето и учеството на граѓаните треба да бидат дел од процесот на планирање, а не негов завршен чекор, порачуваат од партијата, барајќи навремен пристап до релевантната документација во сите постапки каде што тоа е предвидено.

ДОМ ја поддржува потребата од сигурна дигитална инфраструктура, но нагласува дека одлуките за нејзината изградба мора да бидат образложени, проверливи и во интерес на граѓаните. Повод за реакцијата е и неодамнешната поплава во зградата на поранешна „Нова Македонија“, која, како што велат од партијата, уште еднаш покажала колку е важно државните институции да имаат сигурна дигитална инфраструктура.

Од партијата сметаат дека токму затоа изборот на локација за ваков стратешки објект не смее да остане без јавно објаснување, туку мора да биде проследен со транспарентна постапка во која ќе бидат видливи критериумите, техничките параметри и процените на влијанието. Со тоа, како што велат, би се обезбедила проверливост на одлуката и доверба дека проектот се води во интерес на граѓаните, а не според однапред донесени решенија.