FinPortal.mk

ДОМ бара итни законски измени: природните ресурси им се даваат на корпорациите, а граѓаните плаќаат гориво над 100 денари

FinPortal.mk  · 
ДОМ бара итни законски измени: природните ресурси им се даваат на корпорациите, а граѓаните плаќаат гориво над 100 денари

Цената на нафтените деривати во Македонија ја надмина границата од 100 денари за литар, а македонските градови истовремено рушат светски рекорди по загаденост на воздухот, додека државата продолжува системски да ги штити нафтените лобија и да ја кочи вистинската транзиција кон електрична мобилност. Ова го оценува политичката партија ДОМ во соопштение за јавност, во кое се посочува на, како што велат, врвно лицемерие во енергетската политика на државата.

Според ДОМ, државата без проблем им дозволува на големите приватни корпорации да градат огромни приватни ветропаркови и соларни централи, притоа експлоатирајќи ги заедничките државни природни ресурси – сонцето, ветерот и земјиштето. Но, од тие мега-проекти, како што се наведува, обичниот народ на ниско ниво нема апсолутно никаква корист. Додека енергетските олигарси профитираат од зелената транзиција, граѓаните се оставени да плаќаат прескапи фосилни горива, се вели во соопштението.

Од ДОМ истовремено укажуваат дека секоја помала приватна иницијатива за поставување полначи за електрични возила во градовите наидува на непробоен административен ѕид поради застарените закони и ограничувачките мрежни правила. Токму затоа партијата бара итно политичко делување и воведување на строги регулативи кои ќе го штитат јавниот интерес.

Како прва мерка, ДОМ предлага обврска за инвестирање во инфраструктура за електрични возила. Според предлогот, секој приватен инвеститор кој добива дозвола за изградба на големи соларни централи или ветропаркови преку искористување на државните природни ресурси, законски да се задолжи дел од произведените киловат-часови да ги преточи во мрежа на јавни полначи за електрични возила. „Ако профитирате од нашето сонце и ветер, мора да изградите и да ги одржувате полначите за возила за народот“, порачуваат од партијата.

Втората барана мерка е демонополизирање на енергетскиот сектор, односно итна измена на Законот за енергетика со што ќе се дозволи директна продажба на електрична енергија на мало за потребите на инфраструктурата за полнење. Со тоа, како што велат од ДОМ, ќе се стави крај на апсурдната правна гимнастика со наплата на „време и услуга“.

Партијата бара и итна ревизија на мрежните правила, со крај на неправедните услови во постоечките правила. Потребни се, како што се наведува, флексибилни мрежни правила, брзи процедури и реално олеснување за поставување полначи во урбаните средини. Како четврта мерка, ДОМ предлага формирање фонд за електрификација, односно средствата собрани од еколошките такси директно да се пренаменат во развој и субвенционирање на јавната мрежа за полнење и субвенционирање на електричните возила.

Од партијата порачуваат дека зелената транзиција не смее да биде само профитабилен бизнис за неколкумина и дека е време државата да почне да работи за граѓаните, за нивниот буџет и за почист воздух. Соопштението е објавено во момент кога цената на горивата останува над 100 денари за литар, а загаденоста на воздухот во македонските градови продолжува да биде меѓу највисоките во светот.