FinPortal.mk

ДОМ бара европски правила за дата-центрите: јавниот интерес пред инвестициите

FinPortal.mk  · 
ДОМ бара европски правила за дата-центрите: јавниот интерес пред инвестициите

Предлог-резолуцијата на ДОМ за регулиран развој на дата-центрите е прифатена со силна поддршка од сестринските зелени партии и ќе биде ставена на гласање на претстојниот Конгрес на Европската зелена партија во Варшава. Според соопштението на партијата, иницијативата има за цел да ги стави јавниот интерес, енергетската и водната сигурност во центарот на развојот на оваа инфраструктура, наместо тие прашања да останат маргинализирани во процесот на донесување одлуки.

Од ДОМ велат дека Македонија е конкретен пример за потребата од ваква рамка. Тие потсетуваат дека со законските измени усвоени годинава, зад затворени врати се олеснува развојот на дата-центрите и придружната енергетска инфраструктура, при што е воведен поедноставен режим на урбанистичко планирање за овие објекти. Во меѓувреме, Владата најави Национален дата-центар и потврди дека разговара со шест компании за неговото финансирање, но условите и критериумите за овие инвестиции остануваат затворени за јавноста.

Покрај најавениот Национален дата-центар, во земјата се отвора простор и за развој на комерцијални дата-центри, како што покажа неодамна и случајот во Пехчево. Сепак, преговорите и одлуките се водат зад затворени врати, без транспарентност и без вклучување на стручната јавност и локалната заедница, што е токму она против што се залага предлогот на ДОМ.

Предлогот доаѓа во време кога Европа забрзано го зголемува капацитетот на дата-центрите, а во Европскиот парламент се води интензивна дебата за развојот на оваа инфраструктура, особено со растот на вештачката интелигенција. Според податоците наведени во соопштението, до 2030 година потрошувачката на електрична енергија на дата-центрите во Европската Унија се очекува да достигне 114 TWh, односно околу 3,2 отсто од вкупната потрошувачка. Во септември Европската комисија предложи заедничка шема за оценување и започна консултација за минимални стандарди, кои во моментов не се обврзувачки.

Токму затоа ДОМ во резолуцијата повикува на јасни, прецизни и обврзувачки европски критериуми за енергијата, водата и електроенергетската мрежа, со мерливи показатели, транспарентни податоци и вклученост на локалните заедници. Партијата бара ваквата европска рамка да биде применлива и во земјите кандидати, вклучително и Македонија, со што би се обезбедило истите стандарди да важат и пред самото членство во Унијата.

Според соопштението, целта на предлог-резолуцијата е да се создаде европска дебата за правила што ќе го стават јавниот интерес на прво место, наместо да се дозволи неконтролиран развој што може да ги загрози енергетските и водните ресурси на локалните заедници. Гласањето на Конгресот на Европската зелена партија во Варшава ќе покаже дали оваа иницијатива ќе добие формална поддршка на европско ниво.