ДКСК без стратешки предмети и со ослабен притисок врз институциите, оценува Марија Мирчевска

Антикорупциската комисија (ДКСК) во изминатиот период не успеа да го трасира патот во борбата против корупцијата и не отвори стратешки предмети, оцени Марија Мирчевска од Институтот за Демократија. Таа вечерва, во дебата со Слаѓана Тасева, почесен претседател на Транспаренси Интернешнал, коментираше дека извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е прилично критичен во однос на работата на ДКСК.
Според Мирчевска, минатата година била доста турбулентна за комисијата, имајќи предвид дека имало оставка од страна на претседателката на комисијата по отворен предмет против неа, а потоа имало и оставка на втор член на комисијата. „Се правеа напори да се направи реизбор во време кога кредибилитетот на комисијата беше прилично оштетен“, рече Мирчевска.
Таа потсети дека од ДКСК се очекувало да отвори стратешки предмети коишто се суштински, како што тоа го правел поранешниот состав со предметите „Бехтел и Енка“ или градењето пред „Холидеј ин“. „Сега нема стратешки премети“, истакна Мирчевска, додавајќи дека во однос на тоа дали комисијата успешно врши притисок врз државните институции да постапат по нејзините наоди, смета дека и тука потфрла.
Како позитивен пример, Мирчевска го наведе случајот со Кочани, по кој самата комисија излезе со антикорупциска проверка на седум закони, што, како што оцени, е исправно нешто во таа ситуација и укажува на системски проблеми коишто доведуваа до трагедијата во Кочани. Но, според неа, комисијата не изврши доволно притисок врз државните институции, законодавната и извршната власт, да постапат по тие наоди и да ги отстранат системските недостатоци коишто комисијата ги увидела.
Дебатата се одржа по повод наодите од извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, во кој работата на ДКСК е оценета критично. Мирчевска ги изнесе своите оценки за состојбата во комисијата, поврзувајќи ја со прашањето за нејзиниот кредибилитет и со очекувањата за отворање на предмети од стратешко значење, какви што имало во поранешниот состав на комисијата.