FinPortal.mk

Дипломатијата и трпението носат победа: Иво Бару е нов државен првак во „Катан

FinPortal.mk  · 
Дипломатијата и трпението носат победа: Иво Бару е нов државен првак во „Катан

Иво Бару, филмски режисер и познато име во македонската гејминг-заедница, е новиот државен шампион во „Катан“. Тој викендов во Скопје, во новоотворениот простор за друштвени игри „Рулбук“, ја освои титулата на Државното првенство, на кое се натпреваруваа 64 играчи. Со оваа победа Бару во ноември ќе ја претставува Македонија на Европското првенство во Португалија.

„Катан“ е една од најпознатите стратешки друштвени игри во светот, во која играчите собираат и разменуваат ресурси, градат населби, градови и патишта и се натпреваруваат кој прв ќе стигне до победничките десет поени. Турнирот во Скопје повторно беше организиран од „Гоблин Друштвени Игри“, а по повеќе од десет часа трговија и борба за секој поен, титулата ја освои Бару.

Во интервју за „Макфакс“, Бару откри дека ова не му е прво финале на Државното првенство, но е негова прва титула. Според него, неколку фактори пресудиле за победата. „Играв многу посмирено овој пат. Сум имал можност да стигнам во две финалиња минатите години и да се натпреварувам за првото место, па, претпоставувам дека искуството си го направи своето. На турнирот му пристапив како на игра и гледав да уживам во процесот. Да останеш смирен, особено во финалето, е голема психолошка предност“, изјави Бару.

Тој додаде дека учи од грешките. „Во првото финале пред три години имав голема предност од старт, со што го привлеков вниманието на себе и на крај победи друг играч за кој никој не очекуваше. Ова ми беше лекција не само во играта, туку и во животот“, рече државниот првак.

Според Бару, „Катан“ е психолошка и дипломатска игра. „Многу од играчите го занемаруваат фактот дека преку разговор во текот на играта, можеш да влијаеш на партијата. Преку анализа на изиграни партии, сфатив дека не победува тој што само најдобро ја владее играта или тој што има предност, туку тој што знае да процени кога е момент да бидеш во позадина, а кога да избиеш напред и тој што успева преку муабет-дипломатија да влијае на одлуките кои ги носат останатите играчи“, објасни тој.

Бару истакна и дека на турнирот отишол релаксиран и без посебни очекувања. „За мене, со тоа што имаме државно првенство, најважно е да се игра и да се ужива, а резултатот доаѓа како последица на тоа“, додаде тој.

Организаторот „Гоблин Друштвени Игри“ соопшти дека турнирот се одржал во новоотворениот простор за друштвени игри „Рулбук“ во Скопје, каде што 64 натпреварувачи се бореа за титулата. Настанот траеше повеќе од десет часа, а финалната партија беше решена по неколкучасовна трговија и стратегиски одлуки.

Бару во ноември ќе ја претставува Македонија на Европското првенство во Португалија, каде што ќе се натпреварува со најдобрите играчи од континентот. Тој изрази задоволство од можноста да ја претставува земјата и најави дека ќе се подготвува сериозно за предизвикот што го очекува.

Ова е уште еден показател дека друштвените игри, а особено стратешките како „Катан“, добиваат сè поголема популарност во Македонија. Турнирот во Скопје собра голем број натпреварувачи и публика, што говори дека гејминг-заедницата во земјата е активна и дека ваквите настани имаат иднина.