Димитровски од Софија: Дијалогот со Бугарија продолжува со заемно почитување на правата

Заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на петтото издание на Форумот „EU Meets the Balkans 5.0“, што се одржа во Софија, каде ја истакна определбата на Северна Македонија за полноправно членство во Европската Унија и порача дека дијалогот со Бугарија треба да продолжи во духот на заемното почитување на правата.
На почетокот од своето обраќање, Димитровски ја поздрави публиката во салата на Технолошкиот парк на бугарски јазик. Тој рече дека нема никакви инструкции од македонската Влада, во Бугарија нашите политички претставници и претставниците на другите институции да зборуваат на англиски јазик. „Можам да зборувам на мојот мајчин македонски јазик, можам и на бугарски кој го владеам, но важно е да се разбереме и важно е што ќе кажам“, изјави Димитровски пред присутните.
Во обраќањето, заменик министерот ја истакна определбата на нашата земја за полноправно членство во Европската Унија и нагласи дека европската интеграција останува наша стратешка цел. „Иднината на земјата ја гледаме во Европската Унија. Нашата цел е полноправно членство, за што спроведуваме реформи и ќе продолжиме да работиме со реално возможна динамика“, истакна Димитровски.
Тој нагласи дека европската интеграција на Западен Балкан не е само процес на проширување, туку и инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Според него, Северна Македонија останува посветена на спроведувањето на реформите и усогласувањето со европските стандарди, очекувајќи постигнатиот напредок соодветно да биде вреднуван во пристапниот процес.
Во тој контекст, Димитровски ја истакна и важноста на добрососедските односи и регионалната соработка за европската перспектива на регионот. Тој нагласи дека нашата земја се залага за нивно унапредување преку отворен и конструктивен дијалог и реализација на конкретни регионални проекти.
Во однос на постепената интеграција, заменик министерот истакна дека таа треба да обезбеди конкретни европски придобивки за граѓаните и да се одвива паралелно со процесот на целосна интеграција, со јасна перспектива за полноправно членство во Европската Унија.
Осврнувајќи се на прашањето на човековите права, Димитровски нагласи дека земјите членки на ЕУ имаат различни пристапи кон ова прашање, но за нашата земја почитувањето на правата на сите заедници е јасна определба. Во тој контекст, тој посочи дека вклучувањето на Бугарите во Уставот не претставува проблем, што го потврдува и Акцискиот план за малцинствата, кој се однесува на сите етнички заедници во земјата, вклучително и на бугарската заедница.
Настапот на Димитровски во Софија доаѓа во момент кога европската перспектива на Западен Балкан повторно е во фокусот на европските институции, а форумот „EU Meets the Balkans 5.0“ претставува платформа на која претставниците на земјите од регионот и на Европската Унија разменуваат ставови за пристапниот процес, реформските агенди и регионалната соработка.