Димитријевиќ бара ПИОМ да не исплаќа пензии на сметки во Алта банка

Генералниот секретар на СДСМ, Александра Саша Димитријевиќ, денеска во Битола побара ПИОМ да не ги исплаќа пензиите на сметките во Алта банка, со цел пензионерите да бидат заштитени и да имаат сигурен пристап до своите средства. Во изјава за медиумите по посетата на градот, Димитријевиќ рече дека состојбата со Алта банка и неможноста граѓаните да подигнат пари од своите сметки е причината за ваквото барање.
Тој посочи дека по скандалот со Алта банка граѓаните се соочуваат со неизвесност за своите пари и заштеди, а особено загрижувачка е состојбата на пензионерите кои не можат да ги подигнат своите пензии. „Бараме ПИОМ да не се исплаќа пензија на сметките на пензионерите на Алта банка, да се заштитат“, порача Димитријевиќ.
Според него, поради неодговорноста на власта пензионерите кои имаат сметки во Алта банка не можат да си ги подигнат пензиите, кои им се основни приходи за живот. Тој додаде дека премиерот Христијан Мицкоски го штити капиталот на криминалците.
„Пензионерите, еве го втори е, остануваат без пензии. Експозитурите се затворени, банкоматите се празни, нема картички. Ниту тие 10.000 денари немаат како да ги извадат. Луѓе без картички не можат да стигнат до своите пари бидејќи експозитурите не работат. Многу банкомати се празни, а на другите се чека со часови. Сметки, струја, греење, храна, лекови. Ако се сака да се заштитат штедачите, треба да им се дозволи да си ги подигнат своите заштеди во целост. Но оваа криминална власт им за цел да го заштити капиталот на криминалците, на сметка на граѓаните чии депозити се заробени“, рече Димитријевиќ.
Генералниот секретар на СДСМ истакна дека граѓаните на Битола се соочуваат со сериозни проблеми по скандалот со Алта банка, што предизвика загриженост за нивните заштеди и финансиската сигурност. „Денеска е тежок ден за граѓаните на Битола, овде сме заедно со нив, луѓето имаат мака, огромен проблем по избивање на скандалот со Алта банка“, рече тој.
Барањето на Димитријевиќ доаѓа во момент кога пензионерите со сметки во Алта банка остануваат без пристап до своите пензии, бидејќи експозитурите се затворени, а банкоматите празни. Тој оцени дека ваквата состојба ги загрозува основните животни потреби на пензионерите, меѓу кои плаќањето сметки за струја и греење, како и набавката на храна и лекови.