FinPortal.mk

Димитриеска-Кочоска во Њујорк: Долгорочниот раст мора да се темели на продуктивност и енергетска независност

FinPortal.mk  · 
Димитриеска-Кочоска во Њујорк: Долгорочниот раст мора да се темели на продуктивност и енергетска независност

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на работната сесија насловена „Поттикнување на растот во новата економија“, која се одржа во рамки на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ (Sustainable Development Impact Meetings 2026) на Светскиот економски форум во Њујорк, соопшти Министерството за финансии.

На сесијата присуствуваа високи претставници на влади, меѓународни институции и претставници на бизнис-секторот, а централна тема на разговорот беа предизвиците и можностите што ги носи новата економија. Посебен фокус беше ставен на обезбедувањето енергетска сигурност, пристапноста на енергијата и одржливоста како фактори што го определуваат долгорочниот економски раст и конкурентноста на економиите.

Во фокусот на дискусијата беа различните пристапи кон енергетската транзиција и начините на кои владите и бизнисите можат да воспостават рамнотежа меѓу економскиот раст и одржливоста. Се разговараше и за улогата на новите технологии, инвестициите и партнерствата во економската трансформација, како и за потребата од обезбедување соодветно финансирање и насочување на инвестициите кон капитални проекти што ќе придонесат за поголема енергетска сигурност и одржливост. Ваквите инвестиции, како што беше истакнато, треба истовремено да бидат во функција на стабилен економски раст и на јакнење на конкурентноста.

Во своето обраќање, министерката Димитриеска-Кочоска нагласи дека економиите треба да се насочат кон долгорочен раст што ќе се заснова исклучиво на продуктивноста. Таа посочи и дека на секоја економија ѝ е потребна што е можно поголема диверсификација, која ќе носи и поголема додадена вредност.

„Економиите треба да се насочат на долгорочен раст, кој што ќе се заснова исклучиво на продуктивност. Понатаму, во рамки на дискусијата беше исто така заклучено дека на секоја економија ѝ е потребна што е поголема диверсификација по којашто ќе има и поголема додадена вредност. Исто така беше посочено дека треба да се креира што е можно повеќе високопродуктивни работни места и последно, но секако најзначајно, е тоа дека и понатаму треба да работиме на што е можна поголема енергетска независност, поголема одржливост и поголема стабилност во снабдувањето со енергенси“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.

На сесијата беше посочено дека новите глобални економски услови бараат поширок пристап кон политиките за раст, кој покрај продуктивноста ги опфаќа и диверзификацијата на економската активност, создавањето високопродуктивни и квалитетни работни места, енергетската сигурност и јакнењето на долгорочната конкурентност.

Според соопштението на Министерството за финансии, за Македонија овие прашања се особено значајни, што дополнително ја потврдува важноста на учеството на министерката на еден од најголемите глобални економски собири, каде што се разменуваат искуства и се обликуваат насоките на економската политика на меѓународно ниво.

„Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ на Светскиот економски форум во Њујорк претставуваат платформа на која високи претставници на влади, меѓународни институции и бизнис-секторот разговараат за клучните економски и развојни предизвици, со цел да се обликуваат решенија што ќе водат кон одржлив и долгорочен раст.