FinPortal.mk

Димитриеска-Кочоска: Растот над 3 отсто десет квартали по ред покажува дека сме на вистинскиот пат

FinPortal.mk  · 
Димитриеска-Кочоска: Растот над 3 отсто десет квартали по ред покажува дека сме на вистинскиот пат

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека македонската економија се движи по добра траекторија, потпирајќи се на податокот дека во десет последователни квартали е забележана стапка на раст од околу и над три отсто, а во последниот квартал растот достигнал 4,3 отсто. Таа го истакна ова на панел дискусијата со наслов „Од притисокот во еврозоната до фискална отпорност: Буџетски приоритети, реалности во приватниот сектор и регионални лекции“, која се одржа во рамки на Регионалната конференција „Охрид 2026“.

Според министерката, поддршката на инвестицискиот циклус оди рака под рака со спроведување на постепена фискална консолидација, која треба да биде приоритет. Таа објасни дека клучното прашање е дали треба да се стремиме кон буџетски дефицит точно колку што е предвиден, или е можеби потребно и мало отстапување од проекциите за да се даде поддршка на инвестицискиот циклус што трае подолг временски период. Токму тоа, како што рече, било еден од најголемите предизвици за Министерството за финансии при подготовката на последниот ребаланс на Буџетот.

„Нашата одлука секако беше дека ќе избалансираме. Од една страна дефинитивно ќе поместиме дел од буџетскиот дефицит во нагорна линија, при тоа имајќи предвид дека најголем дел од тој дефицит ќе оди кон финансирање проекти, кои ќе додадат дополнителна вредност за економијата, но во исто време внимателно ќе работиме и на приходната страна, затоа што не е фискалната консолидација само фокус на расходната“, истакна Димитриеска-Кочоска.

Министерката потсети дека Македонија е една од земјите која имаше огромен буџетски дефицит во 2020 година, но во 2021 година не успеа да го консолидира дефицитот, поради што фискалната консолидација се одвива побавно. Како дополнителен фактор што влијае на овој процес, таа го наведе и исплатувањето на расходи што произлегуваат од стекнати законски права, а кои во минатото не биле вклучени во Буџетот.

„Приоритет мора да има фискалната консолидација, затоа што тоа на крајот ќе има влијание и на кредитниот рејтинг, ќе има влијание во иднина и на каматните стапки. Што значи тоа треба да биде приоритет, но не по секоја цена за колкав временски период ќе го оствариме. Не треба да брзаме во остварување на фискалната консолидација – буџетски дефицит под 3% и јавен долг под 60%, а на штета на тоа да направиме пореметување кај инвестициите“, потенцираше министерката за финансии.

Таа додаде дека инвестициите се клучни за растот и дека токму затоа е важно да се најде рамнотежа меѓу фискалната дисциплина и потребата од капитални вложувања што ќе ја поттикнат економијата на долг рок. Според неа, постепеното, но стабилно намалување на дефицитот и на јавниот долг, без нагло прекинување на инвестициската активност, е вистинскиот пат за одржлив економски развој.

Конференцијата „Охрид 2026“ собра претставници од регионот за да разговараат за буџетските приоритети, реалностите во приватниот сектор и лекциите што можат да се извлечат од фискалните политики во услови на притисоци од еврозоната. Панелот на кој учествуваше македонската министерка за финансии беше посветен токму на овие теми, а нејзиното обраќање се фокусираше на балансот меѓу фискалната консолидација и поддршката на инвестициите како двигател на растот.

Прочитај го оригиналниот напис →