Демократскиот сојуз бара истрага за бегството на Ива Михајлова и одговорност за сите инволвирани

Демократскиот сојуз побара итно утврдување на одговорноста за бегството на Ива Михајлова, откривање на евентуалните помагачи и кривична одговорност за сите лица за кои ќе се утврди дека го организирале или овозможиле нејзиното заминување од државата. Од партијата оценуваат дека случајот отвора сериозни сомнежи за институционални пропусти и дека правдата мора да биде еднаква за сите, без привилегии и недопирливи поединци.
Според соопштението на Демократскиот сојуз, Михајлова била обвинета за учество во сообраќајна несреќа со смртни последици, а со бегството станала недостапна за правосудните органи. Од партијата бараат МВР, Царинската управа и Јавното обвинителство да утврдат како било можно таа да ја напушти државата и дали во тоа учествувале или потфрлиле полициски и царински службеници.
Особено загрижувачки за Демократскиот сојуз е тоа што бегството се случило во моментот кога била прифатена можноста здравствената состојба на Михајлова да биде проценета и од бугарски лекари. Според партијата, ова отвора сомнежи дали целта била да се избегне независна медицинска процена, која можела да даде одговор на прашањето дали нејзината состојба навистина била животозагрозувачка и дали претходните судски одлуки биле оправдани.
Од Демократскиот сојуз бараат да се испита и улогата на адвокатот на Михајлова, вклучително и неговите наводи за постоење помагачи, како и да се утврди како таа успеала да побегне и покрај мерките за ограничување на движењето и одземените бугарски и македонски пасоши. Доколку се утврди дека адвокатот учествувал во организирањето или овозможувањето на бегството, од партијата бараат тој да понесе соодветна кривична одговорност согласно законот, нагласувајќи дека адвокатската професија не смее да биде заштита за незаконски дејствија.
Демократскиот сојуз инсистира на транспарентна истрага, утврдување на институционалните пропусти и законска одговорност за сите инволвирани. Од партијата порачуваат дека бегството не смее да значи избегнување на правдата, особено кога станува збор за обвинение за сообраќајна несреќа со смртни последици, и дека случајот мора да добие целосно правно разрешување пред надлежните органи.