FinPortal.mk

Демократски сојуз: Извештајот на Европската комисија е поттик за нов реформски циклус, но потребни се суштински промени во правосудството

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Демократски сојуз: Извештајот на Европската комисија е поттик за нов реформски циклус, но потребни се суштински промени во правосудството

Демократскиот сојуз го поздрави Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2026 година, особено позитивните оценки и констатираниот напредок во спроведувањето на реформската агенда и усогласувањето со европското законодавство. Од партијата оценуваат дека Извештајот претставува важна основа и дополнителен поттик за продолжување и продлабочување на европскиот реформски процес.

Истовремено, од Демократскиот сојуз укажуваат дека Извештајот јасно покажува оти владеењето на правото, независноста и ефикасноста на судството и борбата против корупцијата остануваат области во кои се неопходни натамошни суштински промени. Според партијата, позитивните оценки треба да бидат дополнителен поттик за продолжување на реформските процеси, но покрај усогласувањето на националното законодавство со европското, од особено значење е доследната примена на законите, јакнењето на институционалните капацитети и постигнувањето конкретни и видливи резултати во функционирањето на правната држава.

Во таа насока, Демократскиот сојуз предлага темелна реформа на судскиот систем со воспоставување независно, професионално, ефикасно и одговорно судство, ослободено од политички и бизнис-влијанија. Од партијата сметаат дека е потребно преиспитување на постојниот модел на избор и мандат на судиите, вклучително и воведување ограничен мандат од седум години, со соодветни уставни и законски гаранции за независноста и професионалноста во вршењето на судиската функција.

Покрај тоа, Демократскиот сојуз предлага донесување посебен закон за борба против тешките облици на криминал и високата корупција, со јасно дефинирани надлежности, специјализирани истражни и обвинителски капацитети, ефикасни механизми за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнатиот имот. Според партијата, законот треба да обезбеди ефикасно гонење на организираниот криминал, корупцијата на високо ниво и злоупотребите на јавните функции, без селективност и политички калкулации.

Од Демократскиот сојуз предлагаат и уставно редефинирање на одговорноста на судиите, со враќање на уставната одредба за кривична одговорност на судиите за донесена судска одлука во случаи на свесна злоупотреба на судиската функција, корупција или намерно постапување спротивно на законот. Целта, како што наведуваат, е да се обезбеди лична и професионална одговорност, со јасно разграничување меѓу кривичната злоупотреба на функцијата и независното судиско одлучување и толкување на правото.

Како четврта точка од своите предлози, партијата ја наведува потребата од враќање на довербата на граѓаните во правосудниот систем, преку транспарентни постапки за избор и работа на судиите и обвинителите. Од Демократскиот сојуз сметаат дека токму овие мерки се основата врз која позитивните оценки од Извештајот на Европската комисија можат да се претворат во реални и видливи промени за граѓаните.

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија за 2026 година, според оценката на партијата, ги потврдува досегашните напори во реформската агенда, но истовремено ја нагласува потребата од натамошни суштински промени во клучните области поврзани со владеењето на правото. Демократскиот сојуз, како што стои во соопштението, останува посветен на продолжување на европскиот реформски процес преку конкретни и институционално утврдени чекори.