Дефект во Revolut: илјадници корисници без пристап до пари и плаќања

Британската необанка Revolut се соочи со дефект во своите услуги, поради што илјадници корисници во вторникот наутро пријавиле дека не можат да извршат одредени плаќања или да пристапат до средствата преку нејзината апликација. Од компанијата потврдиле за BBC дека дефектот зафатил „повеќе услуги“, но уверуваат дека парите и податоците на клиентите се безбедни.
Според платформата за следење прекини Downdetector, нешто по 08:00 часот по британско време биле регистрирани повеќе од 1. 500 пријави од корисници за проблеми со услугите на Revolut.
„Работиме на отстранување на проблемот откако беше идентификуван утрово и се извинуваме на сите засегнати и за предизвиканата непријатност“, изјавил портпарол на Revolut за BBC. На социјалните мрежи дел од корисниците ја критикуваа компанијата поради дефектот, наведувајќи дека останале без пристап до средства, без можност да плаќаат или да стапат во контакт со корисничката поддршка.
Revolut е една од неколкуте таканаречени „необанки“ кои се појавија како конкуренција на традиционалните банки со дигитален пристап кон финансиските услуги. Според податоците на нејзината веб-страница, банката има повеќе од 80 милиони клиенти ширум светот. Компанијата не прецизираше дали проблемите во вторникот ги зафатиле корисниците глобално, ниту сакаше официјално да открие што ги предизвикало.
Проблеми во вторникот биле забележани и кај други популарни услуги, меѓу кои Lloyds Bank и Bank of Scotland, кои се дел од Lloyds Banking Group. Портпарол на Lloyds изјавил за BBC дека апликацијата функционира нормално, но дека „разбираме оти некои имаат проблеми со одредени онлајн услуги утрово“ и дека компанијата ја следи ситуацијата. Дел од корисниците ги поврзаа проблемите со инцидент што Google Cloud го пријавил во вторникот — според сервисниот панел на компанијата, во нејзиниот облачен центар во Обединетото Кралство (europe-west2) биле забележани „зголемени грешки и повремени мрежни прекини“ кај некои услуги.