Де ла Фуенте по триумфот над Чешка: Игравме силно, но не сум задоволен

Селекторот на шпанската фудбалска репрезентација, Луис де ла Фуенте, изрази задоволство од победата со 3:1 против Чешка, но истовремено призна дека неговиот тим значително паднал во играта по паузата. Иако Шпанија буквално гази во овој репрезентативен циклус, стратегот на „црвената фурија“ не го криеше незадоволството од вториот дел на својот состав.
„Првото полувреме беше многу силно. Во вториот дел измените не помогнаа и не успеавме да го задржиме истото темпо. Распоредот е многу напорен и ја загубивме прецизноста. Не сме задоволни бидејќи имаше моменти во кои сериозно страдавме, а тоа не е типично за нас“, изјави Де ла Фуенте по натпреварот.
Селекторот посебно се осврна на заморот кај играчите и потребата од ротации, што според него е еден од најголемите предизвици во актуелниот циклус. „Многу е тешко да се најде баланс меѓу резултатите и здравјето на играчите. Натпреварите мора да се добиваат, но здравјето е најважно. Се надевам дека нема да има нови повреди“, додаде тој.
Де ла Фуенте го коментираше и тешкиот пораз на Хрватска од Англија со 0:7, нагласувајќи дека ваквиот резултат не е нормален за фудбал од високо ниво. „Резултат 0:7 не е нормален. Мора да разбереме што се случило. Тоа сигурно дополнително ќе ги мотивира, бидејќи фудбалери од таква класа тешко прифаќаат вакви порази“, истакна шпанскиот селектор.
За младиот Ламин Јамал, Де ла Фуенте имаше само пофални зборови, опишувајќи го неговиот развој како реалност од ден на ден. „Неговиот развој е реалност од ден на ден. Кај голот се фатив за глава од восхит, а не од изненадување. Ако тој беше единствениот номиниран Шпанец, категорично ќе кажев дека е најдобар во светот“, порача селекторот.
Шпанија во вторник ќе гостува кај Хрватска во последниот натпревар од овој репрезентативен циклус, што за шпанскиот состав ќе биде уште еден тест по убедливата победа над Чешка.