FinPortal.mk

Цветановски: Странските инвестиции паднаа на 18,7 милиони евра, Македонија тоне

FinPortal.mk  · 
Цветановски: Странските инвестиции паднаа на 18,7 милиони евра, Македонија тоне

Странските директни инвестиции во Македонија во вториот квартал од 2026 година изнесуваа само 18,7 милиони евра, што претставува втор најлош економски резултат години наназад, изјави Симона Цветановски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Таа, повикувајќи се на податоците на Народната банка, оцени дека станува збор за нов економски дебакл на премиерот Христијан Мицкоски и дека Македонија буквално тоне на секое поле. Според неа, и двата најлоши квартални резултати со странски инвестиции се случиле токму во периодот на актуелната власт.

Цветановски потсети дека во третиот квартал од 2025 година странските директни инвестиции забележаа минус од 100 милиони евра. За споредба, како што наведе таа, во 2024 година странските директни инвестиции изнесуваа една милијарда евра, што беше резултат на политиките на СДСМ.

„Бајките на Мицкоски за 'трета економија' се распрснаа како меур од сапуница“, рече Цветановски, додавајќи дека странските инвеститори го губат интересот за вложувања во државата.

Таа оцени дека намалениот интерес на странските инвеститори е директен резултат на криминалните политики, хаосот и несигурноста што, според неа, ги создаде премиерот Мицкоски. „Ова е инвестициски дебакл. Македонија тоне. Мицкоски е премиер со најниско ниво на странски инвестиции и со најлоши економски резултати“, изјави Цветановски.

Според неа, за само две години ВМРО ја урниса деловната клима што беше градена со години и ја намали довербата кај странските инвеститори. Таа додаде дека оваа Влада ниту знае како да ги задржи постојните инвеститори, ниту има капацитет да привлече нови.

Цветановски ги наведе корупциските скандали, партиските тендери и, како што рече, нарачувањето судски одлуки по телефон како фактори што дополнително ја влошуваат состојбата. Таа оцени дека политиките на Мицкоски со оддалечувањето од Европската Унија, блокадата на европскиот пат, соработката со Русија и Кина и соработката со авторитарни режими скапо ја чинат Македонија.

Како последица на сето тоа, таа посочи дека следуваат помалку капитал, помалку работни места и забавен економски раст. „Никој не сака да инвестира во држава во која премиер има арамија како Мицкоски“, заклучи Цветановски.