FinPortal.mk

Чилиманов: Лозарите и во 2026 година не смеат да бидат жртви на задоцнети мерки и нетранспарентна земјоделска политика

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Чилиманов: Лозарите и во 2026 година не смеат да бидат жртви на задоцнети мерки и нетранспарентна земјоделска политика

Либерално-демократската партија (ЛДП) предупредува дека проблемите во лозарството и винската индустрија не можат да се решаваат со задоцнети финансиски интервенции, без јасни критериуми, економски анализи и долгорочна стратегија. Наместо предвидлива земјоделска политика, лозарите и винариите повторно се соочуваат со неизвесност, а Министерството за земјоделство сѐ уште должи одговори за оправданоста и ефектите од мерките за поддршка на секторот, соопштија од партијата.

Според Илија Чилиманов, член на Извршниот одбор на ЛДП, иако Министерството за земјоделство ја претставувало реколтата во 2025 година како успешна, дополнителната финансиска поддршка на винариите од 8 денари по килограм за откупено винско грозје од сортите Вранец и Кратошија отворила сериозни прашања за реалната состојба на пазарот, начинот на креирање на мерките и нивната оправданост. Тој нагласува дека овие прашања се особено важни во 2026 година, кога на лозарите им се потребни сигурност и јасни услови за новата производствена сезона, имајќи предвид дека над 70 отсто од родот останал необран, искалиран или презреан.

Чилиманов потсетува дека претседателката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, минатата година побарала конкретни одговори од министерот за земјоделство за економската и пазарната анализа врз основа на која е донесена мерката, начинот на кој е утврден износот на поддршката и субјектите што ќе ги користат јавните средства. Според ЛДП, јавноста сѐ уште заслужува транспарентен увид во критериумите, финансиската распределба и ефектите од ваквата интервенција.

Од партијата бараат Министерството за земјоделство да ги објави резултатите и ефектите од досегашните мерки, да ги разјасни критериумите за распределба на средствата и да презентира конкретен план за стабилизација и развој на лозарството и винската индустрија за следната година. Како што наведува Чилиманов, тој план мора да вклучува навремена поддршка, транспарентни правила, одржливи откупни услови и мерки за подобрување на конкурентноста на македонското вино. Тој додава дека политиките кои ги креира Министерството треба да бидат насочени како директна поддршка на земјоделците, а не за креирање на профит на поединци.

Со оглед на тоа дека винскиот сектор е еден од најзначајните земјоделски и извозни потенцијали на државата, според ЛДП министерството должи одговор во кој временски период е исплатена поддршката на винариите и кој е износот на поддршка на секоја винарија поединечно. Партијата смета дека без ваква транспарентност и без навремени мерки, лозарите и винариите и понатаму ќе останат изложени на неизвесност, наместо да добијат предвидлива земјоделска политика каква што, како што велат, заслужуваат.