Чеферин: „Царот е гол“ — време е да се каже доста на Фифа

Претседателот на Уефа, Александар Чеферин, го нападна својот колега од Фифа, Џани Инфантино, во остра критика на пропаднатиот проект „Фифа Форвард Ентерпрајз“ (ФФЕ) и други неодамнешни скандали, порачувајќи дека „царот е гол“ и дека „е време да се каже доста“. Обраќајќи им се на клупските челници на генералното собрание на Европските фудбалски клубови (ЕФК), Чеферин не го спомена Инфантино по име, но јасно стави до знаење дека лидерството на Фифа мора да се промени.
Користејќи ја локацијата на настанот, Копенхаген, Чеферин направи споредба со бајката на Ханс Кристијан Андерсен „Царевите нови алишта“, оценувајќи го однесувањето на Инфантино. Тој јасно алудираше на мирновната награда доделена на Доналд Трамп, аферата со Фоларин Балоѓун од минатото лето, како и на шемата ФФЕ.
„Царот е убеден дека носи величествена облека — облека за која му е кажано дека само будалите или неспособните не можат да ја видат“, рече Чеферин. „Неговиот двор го прифаќа тоа. Сè додека едно дете едноставно не каже на глас она што сите можат да го видат: царот е гол. Можеби поуката од приказната е оваа: погодните зборови не можат да ги променат непријатните реалности.
Чеферин им предложи на присутните претставници на клубовите дека ваквото однесување не би се толерирало во нивните организации. „Замислете еден од вашите високи функционери тајно да преговара за отстапување на контролата врз крунските богатства на вашиот клуб“, рече тој. „Не знаевте. Вашиот одбор не знаеше. Вашите играчи и навивачи не знаеја. И кога ќе дознаете, договорот е речиси готов. Што би направил вашиот одбор?
Тој додаде: „Замислете дека создава мирновна награда за политички лидер, без неговиот одбор да има збор за нејзиното создавање или за добитникот. Потоа, истиот тој политички лидер се јавува за време на најголемото натпреварување во светот за да се пожали на одлука на теренот. Правилата велат едно. Телефонот ѕвони. Потоа одлуката се менува.
„Колку пати ова би морало да се случи во вашиот клуб пред одборот да каже: ‘доста‘? Мислам дека е време да се каже ‘доста‘. Ниту една функција, ниту една титула и ниту една количина на моќ не му дава на никого право да ја продаде иднината на фудбалот“, заклучи Чеферин.
Војната на зборови меѓу најголемите фудбалски управни тела се засили во вторникот кога Фифа ја обвини Уефа дека води „кампања за дезинформации“ и се обидува да влијае на трката за нејзиното претседателство, барајќи од американски суд да го отфрли барањето на Уефа за добивање документи за употреба во планирана кривична пријава против Инфантино. Високи претставници на Уефа остануваат цврсто на ставот дека мора да се најде кандидат кој ќе му се спротивстави на Инфантино на изборите во Фифа следниот март, пред рокот за номинации на 18 ноември.
Претседателот на ЕФК, Насер ал-Келаифи, во минатото беше споменуван како потенцијален кандидат, но во данската престолнина дефинитивно се исклучи од трката за претседател на Фифа. „Имам нула интерес за Фифа, нула агенда или амбиција да бидам таму“, рече Ал-Келаифи. „Не мислам дека сум вистинскиот човек за таа позиција. Уживам во она што го правам, се забавувам. Фифа, не за мене.
Ал-Келаифи има намера да го прошири опсегот на сопствената организација. Во својот говор пред генералното собрание тој рече дека „сега е време да се создадат Светски фудбалски клубови“, експлицитно изјавувајќи дека треба да се формира претставничко тело кое ќе ги вклучува и оние надвор од Европа. „Повеќе од горди и среќни сме ако можеме да помогнеме и придонесеме надвор од Европа за нашите колеги од различни клубови во светот“, рече тој подоцна.