Цената на тетовскиот грав достигна 700 денари за килограм, но се помалку го има на нивите

На самиот почеток од бербата на тетовскиот грав, неговата цена се движи од 600, па и до 700 денари за килограм, додека ланскиот грав на тетовскиот пазар се продава по 500 денари за килограм. Иако тетовскиот грав е препознатлив за Тетово и за Полошкото Поле, на градскиот пазар во Тетово ретки се тие што го продаваат, бидејќи тој полека исчезнува од тетовските ниви.
Пазарџијата Узеин, кој повеќе од 40 години продава грав на тетовскиот пазар, вели дека неговата цена никогаш не била толку висока во однос на другите производи. Според него, гравот од ланската реколта, оригинал тетовски грав, сега се продава по 500 денари, додека гравот што сега веќе почнува да се бере му го нудат по цена од 600 до 700 денари.
„Ова е поради тоа што тетовски грав има сè помалку поради топлото време, како и поради тоа што нема кој да го одгледува. Младите не сакаат да одат на поле, па останаа само постарите луѓе да го сеат, и тоа најчесто произведуваат само за своите потреби, а многу малку за продавање“, вели Узеин, пазарџија на тетовскиот зелен пазар.
Тој дава и совети како купецот да препознае кој е оригинален тетовски грав, а кој е увезен од странство, а се продава под името тетовски грав. „Да, на пазаров можете на неколку места да видите вреќи со грав на кои пишува дека тоа е тетовски грав. Но, дали е тоа така, може многу лесно и едноставно да се провери. Ставете ја раката во вреќата со гравот, промешајте малку, а кога ќе ја извадите раката ако на неа има нешто како бела прашина, тогаш бидете сигурни дека тоа не е тетовски грав. Тетовскиот грав не создава таква бела прашина. Тој е чист светол и колку и да мешате во вреќата, вашата рака ќе остане чиста“, советува Узеин.
До пред некоја децение тетовскиот грав беше еден од најважните и најголеми извозни производи од овој регион, но денес состојбата е сосема поинаква. Наместо масовно производство за извоз, останати се само постарите жители на Полошкото Поле кои го одгледуваат гравот главно за сопствени потреби, додека младите генерации го напуштаат земјоделството.
Топлото време дополнително ги отежнува условите за одгледување, што резултира со намалени приноси и сè поретки кеси со вистински тетовски грав на тезгите. Оние што сепак успеваат да го најдат на пазарот, мораат да издвојат значително повеќе пари отколку што беше случај претходните години, што го прави тетовскиот грав еден од најскапите производи на тетовскиот зелен пазар.
Иако цената расте, понудата продолжува да се намалува, што создава парадоксална ситуација — производот станува сè поскап, но сè помалку достапен. Пазарџиите предупредуваат дека без вклучување на помлади генерации во земјоделството и без соодветна поддршка за одгледувачите, тетовскиот грав би можел целосно да исчезне од нивите во Полошкото Поле.