FinPortal.mk

Бугарското МНР: Не бевме однапред известени за доаѓањето на Михаилова, најважно е таа да добие медицинска нега

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Бугарското МНР: Не бевме однапред известени за доаѓањето на Михаилова, најважно е таа да добие медицинска нега

Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека не било однапред известено за потезите на Ива Михаилова, нејзиното семејство и нејзиниот адвокат кои резултираа со нејзино пристигнување во Бугарија, ниту пак учествувало во нивното организирање. Од бугарското МНР појаснија дека адвокатот стапил во контакт со Министерството непосредно пред да даде јавна изјава.

„Ја разбираме загриженоста на семејството во врска со здравјето на Ива. Најважно сега е таа да ја добие потребната медицинска нега. Тимот на Универзитетската болница за итна медицинска помош ‘Н. И. Пирогов’ ќе ја процени нејзината состојба и ќе го одреди потребниот третман“, соопштија од Министерството за надворешни работи на Бугарија.

Од бугарското МНР нагласија дека Бугарија доследно ги поддржувала напорите да се обезбеди Ива Михаилова да го добие потребниот третман и најавија дека ќе продолжат да даваат помош во врска со случајот во рамките на своите надлежности.

Министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев, потврди дека Ива Михаилова е примена во болницата „Пирогов“. „Ме известија дека се во Пирогов – таа и нејзиниот адвокат. Ќе се преземат дејствија за нејзино сослушување – за да се открие дали, кога, каде и како ја преминала границата, сите други околности, вклучително и ќе провериме дали имаат потреба од обезбедување и ако има, ќе биде одредено“, изјави Демерџиев.

Случајот на Ива Михаилова започна по тешка сообраќајна несреќа на 7 октомври 2025 година на патот меѓу Кочани и Штип. Во судирот едно лице загина, а неколку лица, меѓу кои и Михаилова, се повредени. Младата жена, која има бугарско и македонско државјанство, се здобила со тешки повреди на ’рбетот.

Во јули 2026 година во Основниот суд во Кочани започна предметот против Михаилова, обвинета за тешко кривично дело поврзано со безбедноста на сообраќајот на патиштата. По несреќата и биле одземени личните документи што ја спречило да замине на лекување во Бугарија. И покрај доставените медицински документи за потреба од специјализирана интервенција, судот во Кочани одби да и дозволи патување. На 20 август Апелациониот суд во Штип ја потврди одлуката.

Бугарското Министерство за надворешни работи реагираше со став дека одбивањето не ја земало доволно предвид тежината на нејзината состојба и фактот дека не може да се обезбеди потребниот третман во Северна Македонија. Од бугарското МНР сега повторуваат дека единствениот приоритет во овој момент е здравствената состојба на Михаилова и нејзиното лекување, додека сите други околности поврзани со преминувањето на границата остануваат предмет на истрага од страна на надлежните органи.