FinPortal.mk

Бугарскиот бизнисмен Илијан Филипов застрелан во Пловдив, полицијата трага по сторителот

FinPortal.mk  · 
Бугарскиот бизнисмен Илијан Филипов застрелан во Пловдив, полицијата трага по сторителот

Бугарската јавност е вознемирена по убиството на 53-годишниот бизнисмен Илијан Филипов, кој во текот на ноќта бил застрелан во Пловдив. Според првичните информации од истрагата, нападот се случил околу 1 часот по полноќ, кога непознат сторител пукал кон Филипов, а бизнисменот бил погоден во пределот на главата.

Филипов беше еден од сопствениците на транспортната компанија „ПИМК“, една од најголемите во Бугарија, а воедно беше и сопственик на фудбалскиот клуб Ботев Пловдив. Компанијата „ПИМК“ со години работи во областа на транспортот и логистиката, а неговите деловни активности опфаќале и градежништво и железнички сообраќај.

По пријавата за нападот, Министерството за внатрешни работи на Бугарија започнало голема полициска акција во Пловдив. Биле блокирани влезовите и излезите од градот, а полициски екипи трагале по сторителот. Истражителите засега ги проверуваат сите можни мотиви за убиството.

Начинот на кој бил извршен нападот, според првичните проценки, укажува дека станува збор за однапред подготвена акција. Полициските служби продолжуваат со увидот и собирањето докази.

Илијан Филипов беше позната фигура во бугарскиот бизнис-сектор. Во јуни 2023 година тој го презеде управувањето со фудбалскиот клуб Ботев Пловдив, во кој вложи значителни средства за развој на клубот и инфраструктурата.

За денеска е најавен заеднички брифинг на обвинителството и Министерството за внатрешни работи во Пловдив, на кој се очекуваат повеќе детали за убиството и можниот мотив.